Политикологот Пејџ Фортна следи 104 групи кои се борат во големи граѓански војни од 1989-та. Нив ги рангира според резултатите што ги имале во конфликтот, негативни, кога конфликтот завршил со нивен тотален пораз, згаснување или пат ситуација, и позитивни, кога извојувале договор со примирје или директна победа.
"Тероризмот е евтин начин да и се нанесе болка на другата страна, и терористичките групи се тешки за комплетно елиминирање, ама тоа е бескорисно за освојување или задржување на територија," пишува Фортна.
По пресметките на Фортна за овие 104 групи, излегува дека нетерористичките движења било поверојатно да постигнат договор или директна победа, додека кај оние што се користеле со тероризам било поверојатно да згаснат или да бидат поразени.
Тероризмот се покажал одличен за пролонгирање на војните, "што е објаснување зошто групите може да се свртат кон тероризам кога стратегијата нема да им успее," а со продолжувањето на војната се продолжува и потребата од постоење на самата група.
"Една од причините за ова е што за властите е тешко да ги искоренат терористичките групи. Ама исто така е и многу тешко за терористите да освојат или задржат територија, што во основа е целта на граѓанските војни," објаснува Дејвид Грем во анализа за Атлантик на студијата на Фортна.
Меѓу останатите заклучоци на Фортна се дека сецесионистичките групи е помалку веројатно да користат тероризам, како и тоа дека демократиите не се поранливи на тероризам отколку останатите типови на владеење.