Пред нешто повеќе од една година, на 12 август, американски функционери објавија катастрофално предупредување за иднината на авганистанската влада по повлекувањето на САД. Според нив, 90 дена по заминувањето на американската армија, Кабул паѓа под власт на Талибанците. Три дена подоцна, 15 август, Талибанците веќе го освоија Кабул.
Шест месеци подоцна како што на украинската граница се трупаше руска војска, САД предупреди дека Киев ќе падне за само неколку денови по почетокот на руската инвазија. Уште шест месеци подоцна, руски војник нема стапнато во Киев, а украинските сили наводно се подготвуваат на контра-офанзива.
„Овие неточни процени ги нагласуваат предизвиците со кои се соочуваат владините аналитичари во пресметување на она што е познато како ’волја за борба’ икс-факторот кој одредува колку тврдо и ефикасно војниците на друга војска ќе водат војна.
Ова поттикна детален преглед, кој се уште е во тек, во рамки на разузнавачката заедница за тоа како овие процени се спроведуваат. Точното проценување на комплексен опсег на фактори кои можат да натераат странска војска да се бори се смета за еден од најважните фактори во војната, но во исто време тоа е еден од факторите со кои САД се измачуваат од Виетнам до Ирак, и последно во Украина,“ пишува Еми Мекинон во текстот за Форин полиси.
Во 2018 Ранд корпорацијата прави анализа која покажува дека САД имаат многу спорадични успеси во следењето и одредувањето на „волјата за борба“ кои често пати се базираат на анегдотални впечатоци без стандардна дефиниција или модел.
„Американските одбранбени и разузнавачки лидери се прилично отворени околу фактот дека не постои утврден процес. Стварно почнуваме речиси од нула,“ изјавил еден од авторите на извештајот на Ранд и член на Атлантскиот совет, Бен Конабл.
За разлика од сите други категории, кај „волјата за борба“ строгите математики и бројки не ја вршат очекуваната работа.
„Аналитичарите на еден начин беа присилени со тек на време да се откажат од сè што не е базирано на многу силни, бетонски мерки,“ објаснува истражувачот од Ранд, Мајкл Мекнири.
Во случајот со Украина, ако се има предвид со колку оружје располага и колку пари има вложено во војската, „не е тешко да се види, зошто, на хартија, аналитичарите заклучија дека Киев нема долго да издржи“. Меѓутоа на крај внатрешните проблеми на руската армија (од лошо планирање, до лоши синџири за снабдување) ги осакатија нивните планови за молневито освојување на Киев. За украинската армија многу работа заврши и високата стапка на мотивираност и споделеното чувство на национален идентитет и цел што го имаа и тие и народот.