"Важно е да се разбере дека Арапската пролет која започна во 2011-та ќе имаше свое влијание на денешен Ирак, и второ, ИСИС всушност почна да се развива од својата база во Сирија, а не во Ирак," објаснил Блер во интервјуто со Фарид Закарија.
Во интервјуто тој се извинил за фактот дека "разузнавачките информации кои ги добиле биле погрешни," во однос на тоа дека Садам поседува оружје за масовно уништување.
"Тешко ми е да се извинам за тоа што го соборивме Садам. Мислам дека дури и од денешна гледна точка, подобро е ако тој не е тука, отколку да беше," одговорил еден од двајцата главни носители на војната во Ирак.
Кети Гилсинан од Атлантик објаснува дека иако не е спорно дека Садам беше тиран и агресор, така не е спорна ниту врската меѓу војната во Ирак и појавата на ИСИС. Таа наведува сведоштва на новинарот од Вашингтон Пост, Џоби Ворвик, кој во својата книга Подемот на ИСИС, објаснува како ал-Заркави, основачот на Ал Каеда во Ирак, доаѓа во Ирак од Авганистан и го користи немањето власт во земјата за да ја изгради своја терористичка мрежа. Токму филијалата на Ал Каеда во Ирак подоцна станува Исламската држава Ирак, по што ја проширува дејноста во Сирија и станува ИСИС.
"Токму во вака преуредениот Ирак, Заркави ја наоѓа слободата за маневрирање и моќни сојузници волни и способни да ја подржат неговата кауза. Капетаните и наредниците кои некогаш служеа за Садам Хусеин сега се во армијата на Заркави, а некои се издигнаа и на водечки позиции. Други нудеа скривалиште, информации, готовина и оружје, вклучувајќи и муниција и проектили кои послужија за некои од најголемите автомобили бомби на Заркави," пишува Ворвик во својата книга.
Иако моментално не може да се прави детална листа со сите директни и индиректни последици од соборувањето на Садам, Гилсинан објаснува дека "преуредувањето на Ирак придонесе и кон преуредувањето на целиот регион, посебно со неговото влијание на војната во Сирија, влијанието на Иран и курдскиот национализам." Сето ова е надополенто со најголемата бегалска криза во светот од крајот на Втората светска војна.