Американската интелектуална ксенофобичност е релативно нова појава. Државата и нејзините темелни институции своевремено беа градени со некриени 'позајмици' од други земји, првенствено од Европа. Теодор Рузвелт отворено зборуваше за потребата од "екстракција на најдоброто од светот и негово вградување во американскиот политички и културен систем".
Пресвртната точка во таквиот поглед на себе и светот доаѓа во 1945-та година:
"Американците излегоа од Втората Светска Воја убедени дека сами ја добиле војната, небаре улогата на Советскиот Сојуз била безначајна. Тој режим не сакаа да го земат предвид а Европа беше разрушена и девастирана па тие себе се замислија како единствени чувари на светската слобода," објаснува професорот по историја од Принстон, Даниел Роџерс.
Идејата за исклучителноста на американската нација е примарната форма на американскиот национализам (идеја која непрецизно му се припишува на Токвил). А како и секој национализам, и американскиот има функција да ја обединува и да ги збива редовите па затоа и најчесто се користи за време на економски и други кризи, како и по нив, кога е потребен елан и напор за нешто да се обновува.
Митот за американската исклучителност е општо место на политичката сцена (и Обама и Клинтон знае да прибегнат кон неа кога им требаше да го засилат својот патриотски имиџ), иако со неа главно мешетарат Републиканците кои по разни поводи знаат да го обвинат противникот дека сака да воведе социјализам или да ја европеизира Америка.
Но, за првпат гласност добиваат и поинакви мислења, оние кои порачуваат дека САД сепак можат да учат по нешто од светот. Кога Џорџ Стефанопулос, поранешниот шеф на комуникации на Бил Клинтон кој сега работи за мрежата ABC го праша демократот Берни Сандерс дали не се плаши дека неговите ставови ќе бидат претставени како обид "Америка да стане Скандинавија", тој одговори:
Па што? Што е лошо кога имаш повеќе пари и порамномерна распределба на богатството? Што им е лошо што имаат посилна средна класа од нас, поголеми минимални плати и се поефикасни во заштитата на околината?
Но, ваквите отстапки од митот за сопствената исклучитечност не доаѓаат само од спектарот на Демократите. Залагајќи се за поголема ефикасност на институциите, Џеб Буш како добар пример ја наведе Естонија каде враќање на данок може да биде извршено онлајн за пет минути. А кога им треба, за пример можат да го наведат дури и Путин, како што тоа го направи конзервативниот екс градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, наведувајќи дека за разлика од Америка, Русите имаат претседател кој знае да ги завршува работите.
Секој национализам, па и американскиот е жилава појава па така фамата за исклучителноста и натаму ќе остане еден од тотемите на американската идеологија,. Но, Америка полека сфаќа дека нема моноол на добрите идеи а на претстојниот изборен циклус, оваа тема за првпат ќе биде една од битните дебати за кои ќе се разговара, пишува Атлантик.