„Воопшто немаме никаков реален увид во плановите на кинеското лидерство или намерите на Кина,“ неодамна призна поранешен висок американски разузнавач.
По две децении ловење на терористи, американската разузнавачка заедница која тежи 100 милијарди долари годишно тивко го преквалификува персоналот и пренасочува милијарди за обнова на скапата шпионска машинерија за да се фокусира на потенцијалниот конфликт со големите сили, Русија и Кина.
Руската инвазија на Украина и војната во Газа ја комплицираат идејата на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, да се држи фокус на Пекинг бидејќи Кина се проценува како најголема опасност по американската безбедност.
„Кина ни е глобален приоритет,“ изјави Барнс за Волстрит Журнал, напоменувајќи дека во последниве три години повеќе од двојно ги зголемиле буџетските ресурси за таа намена.
Денес, американските шпионски сателити внимателно ги следат воените распоредувања и модернизацијата на Кина, додека со сајбер и други алатки за прислушување се покриваат огромни делови од кинеските комуникации. Но, што се случува во внатрешните кругови на Ши Џинпин, им останува нејасно.
Луѓето на терен ја покриваа таа задача но САД цели две години не ја признаваше загубата на своите агенти.
„За жал, кинеските цели и задачи се толку широки што тешко е да кажеме дека тоа добро го покриваме“, рече претседателот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, Мајк Тарнер.
Уште во раните 2000-ти, аналитичарите на ЦИА зачестија со предупредувања за економскиот раст и воените амбиции на земјата. Овој прилив на доверливи разузнавачки извештаи стана познат меѓу владините инсајдери како „Застрашувачки кинески бриф“.
ЦИА своевремено ја искористи ендемската корупција во горните ешалони на Комунистичката партија и владините министерства за да регрутира десетици функционери како платени агенти, но мрежата беше комплетно избришана кога Кина ги фати предавниците.
„Ужасно. Ужасно. Ужасно“, вели поранешен висок американски функционер за тие загуби. „Се сомневам дека оттогаш имаме закрепнато.“.