По негови зборови, улогата што тој ја има е да ги координира преговорите и да има преглед врз целиот процес, бидејќи неговиот работодавец (Европскиот парламент) треба после да донесе одлука по две прашања: повлекувањето на Британија и новиот однос меѓу Унијата и Британија.
Одговорот на речиси секое прашање во разговорот со Бизнис Инсајдер, Верхофстад го започнува со "зависи од тоа што ќе бараат британските власти кога ќе го активираат членот 50", бидејќи прво треба да се види што ќе побараат Британците па потоа да им се одговори со да или не.
Во однос на тоа колку ќе биде тешко да се постигне договор меѓу двете страни, Верхофстад објаснува дека негова работа е да ги заштити интересите на граѓаните на ЕУ, бидејќи на крајот од краиштата тој и Европскиот парламент се нивни претставници.
На преговарачот не му е јасно како тоа Британија планира да го задржи правото на слободен пристап до заедничкиот пазар, а притоа да се откаже од сите други обврски.
"Основната позиција на сите институции во Европа е многу јасна: четирите слободи се врзани една со друга. Внатрешниот пазар е базиран на четирите слободи - не на три или на две. Слобода за проток на добра, услуги, капитал и слободно движење на луѓе. Не можеш да ги одделиш. Мислам дека ова е совршено цврста и јасна позиција за сите.
Лесно е да кажеш на пример 'аха, сакаме специјален пасош за луѓе кои се во нашите услужни дејности да патуваат и работат во Европа', ама спротивното, како можноста Полјаците да работата на градилиште во Лондон, да не е остварливо. Ова едноставно нема логика," објаснува Верхофстад.
На инсистирањето дека ЕУ сега ќе гледа да ја казни Британија како показна вежба за остатокот од членките на Унијата, Верхофстад објаснува дека заминувањето на Британија многу повеќе е обид "да се реформира Унијата на начин кој ќе ја направи поефективна и ќе ги спречи останатите држави да посакаат да се отцепат."
"Ова е шанса да се стави крај на систем кој функционира веќе 20 години, каде постојат 28 унии а не една. Стар систем во кој секоја членка ги избира само политиките кои на неа и одговараат.
Се верува дека ние ќе и дадеме лош договор на земјата само за други земји да не ја следат. Предизвикот пред нас е сосема спротивен. Овие преговори повеќе се однесуваат на реформирање на ЕУ на начин кој ќе ја претвори во вистинска Унија, нешто што таа не веќе подолго време," порачува поранешниот белгиски премиер.