ББЦ ќе учи да биде непристрасна

Оставките на директорот и главната уредничка се првиот чекор на ББЦ во тешкиот процес повторно да ја освои довербата од јавноста, која ја изгуби со долгогодишното пристрасно известување и криење на одговорноста. Најави ревизии на своите политики на ширење лаги за климатските промени и за војната во Газа. Инаку, зошто некој би плаќал лиценца од 180 фунти?

ББЦ најави вонредни истраги за пристрасноста во известувањето за климатските промени и енергетските политики. Уште пред оставката на директорот Тим Дејви и главната уредничка Дебора Тарнес, внатрешниот Комитет за уреднички упатства и стандарди одлучил да спроведе тематски преглед на известувањето за енергетската политика на Британија и климатските промени. Веќе се спроведува ревизија за пристрасноста при известувањето за војната во Газа.

Ричард Тајс, висок функционер во опозициската партија Реформ УК бара ревизијата да биде спроведена од независни експерти, за да не се повтори случајот на криење на наодите.

Раководството на ББЦ падна токму поради криење на извештајот од внатрешната истрага, во која учествувал и советникот Мајкл Прескот. Тој уште во јуни во темелен извештај на 19 страници укажал на пристрасност во стотици извештаи на различни чувствителни теми, но ревизијата веројатно ќе останела прикриена, ако документот пред две недели не протече до јавноста преку порталот на „Дејли Телеграф“.

Примери за ширење лажни податоци за климатските промени има многу:

  • ББЦ пред неколку месеци скришно скастрил изјава на Тајс што не кореспондирала со политиката за нето-нула емисија на штетни гасови;
  • Лани како факт претставил лажен податок дека „човечкиот фактор е 35 пати повеќе одговорен за екстремното покачување на температурите во САД, Мексико и Централна Америка“;
  • Во мај 2023 година лажно било објавено дека поплавите во Болоња, Италија, биле предизвикани откако за 36 часа наврнал дожд колку за половина година“;
  • Во 2022 година, уредникот за климатски теми Џастин Роулат во документарната програма „Панорама“ лажно тврдел дека се зголемува глобалниот број на смртни случаи предизвикани од климатски промени, иако бројот всушност се намалил;
  • Во август како факт било претставено лажно тврдење дека глобалното затоплување ја десеткувало популацијата на поларни мечки;
  • Во октомври 2020 година биле употребени погрешни податоци и несоодветни снимки во документарецот „Месо: Закана за нашата планета?“ за да се демонизира сточарството како штетно за природната околина. 

Каролин Диненејџ изјави дека парламентарниот Комитет за култура, медиуми и спорт утре ќе одржа итна седница за да ги разгледа оставките на раководството на ББЦ и да ги анализира следните чекори. 

Управниот одбор на ББЦ мора да почне со долг процес на обнова на угледот на корпорацијата и дома и во странство, по штетата предизвикана од лавината скандали и погрешни чекори, изјави претседателката на Комитетот.

Властите ја разгледуваат и опцијата за укинување на лиценцата за финансирање на ББЦ, што ја плаќа секое домаќинство. Во оваа година претплатата изнесуваше 174,50 фунти годишно, а за 2026 година ќе биде 5 фунти поскапа. Јавниот сервис се финансира врз основа на Кралска повелба, чија важност завршува на 31 декември 2027 година.

******
Види и: Кројачите од ББЦ поднесоа оставки
ББЦ ја извртела историјата кон агендата на „разбудените“
ББЦ со Трамп: Сечено, лепено, монтирано

10 ноември 2025 - 11:50