Во првите денови од руската инвазија турските дронови Бајрактар имаа изненадувачки успех против руската војна. Ова беше и причина за САД да одлучат да го засилат дрон сегментот од украинските сили и да дозволат испраќање Греј игл дронови, кои беа сеприсутни во војните во Ирак и Авганистан.
Но од времето на одлуката за испраќање на овие дронови, до времето кога тие стигнаа да бидат испратени во Украина, на боиштето работите сериозно се сменија и Русија речиси целосно ги покри фронтовите на кои војува со С300 и С400 противвоздушни ракетни системи.
Ваквата ситуација предизвика раздор меѓу припадниците на авијацијата на фронтот и украинскиот генералштаб. Првите се против испраќање дронови, додека вторите се за испраќање дронови.
„Ние не сме за користење на Греј игл. Во нашиот генералштаб нема добар експерт од воздушните сили кој ќе зборува, гласно ќе им каже - ова е срање.
Во нашата ситуација е многу опасно да користиме такви скапи дронови, заради противвоздушната одбрана на непријателот.
Не е ова Авганистан,“ изјавил за Форин полиси еден од украинските пилоти на фронтот.
Сивиот орел може да биде вооружен со хелфајр ракети кои имаат домет од 8 километри, далеку помалку од камикази дроновите што САД и ги донираше на Украина.
„Нивните (руските) системи работат во многу помасовен размер. Нивните радари за рано откривање функционираат. Нивните воздушни одбрани функционираат. Па губењето на Греј игл е многу реална веројатност во така слоевита одбрана,“ изјавил советникот од тинк-тенкот ЦНА, Самуел Бенет.
Дури и кога би биле корисни, очекувањето на украинските пилоти е дека просечниот животен век на овие дронови би бил една до две мисии, што и не е исплатливо за летала со цена од 10 милиони долари.
Украинската авијација престанала да ги користи и турските дронови, затоа што веќе не биле ефикасни. Успесите што ги има Бајрактар (ТБ-2) се од почетокот на војната и главно се должат на тоа што воздушната одбрана на Русите се уште не била распоредена и поставена како што треба и по целата линија на фронтот, па турските дронови имаат успеси во уништувањето на оклопните руски колони.
Она што Украинците би сакале да го добијат од САД се ловци од типот Ф-15 и Ф16, за кои украинските пилоти веќе се обучуваат во надеж дека ќе им стигнат.
Освен неефикасноста во сегашната поставеност на фронтот, Ројтерс минатата недела објави дека американските власти се нечкаат околу испраќање на Греј игл во Украина стравувајќи дека тајната опрема што се наоѓа во дроновите би можела да заврши во руски раце.