Тоа што низ годините британското здравство успева да го крене просечниот животен век на 79 за мажи и 83 години за жени моментално е на товар на пензискиот и здравствен систем на земјата, кој подолго треба да исплаќа пензии и да се грижи за своите повозрасни граѓани.
Проблемот само е ескалиран од тоа што паралелно со стареењето на популацијата, помладиот дел од нацијата има се помалку деца, кои долгорочно треба да го полнат фондот и буџетот на земјата.
За ова има две главни решенија: едно да се зголеми бројот на мигранти во земјата и второ да се крене границата за пензионирање.
Како што објаснува поранешниот министер за пензии, Стив Веб, за пензискиот фонд една фунта е една фунта, без разлика дали била уплатена од Британец или мигрант. За Веб позитивно кај мигрантите е и тоа што доаѓаат главно млади луѓе кои пред себе имаат децении работа и уплати во пензискиот фонд.
Проблемот со ова решение е што со тек на време и овие мигранти ќе станат пензионери кои ќе треба да бидат исплаќани од државниот фонд.
Британските експерти предупредуваат и на скриените трошоци на „мигрантското решение“ за пензискиот систем. Пример, според нив мигрантите придонесуваат за недостаток на домови, што пак е еден од факторите кој доведува до намален број на новороденчиња.
Земајќи го примерот со Јапонија, која ја има една од највозрасните популации и меѓу најстрогите закони за мигрирање, Телеграф пишува дека таму товарот паѓа на младите работници и дека од 2000-те константно растат трошоците за осигурување и социјално што тие ги плаќаат. Ваквата ситуација се одразува и на економијата и општо потрошувачката во Јапонија, но и покрај ова земјата „и понатаму одбива да дозволи масовна имиграција без разлика на свесноста за зголемениот недостаток на работна сила“.
Британците се крстат и во тоа дека автоматизацијата на работните места колку толку ќе ги покрие проблемите со се помалата и постара популација.
Во исто време ИФС (Intergenerational Foundation charity) предупредува дека возраста за пензија до 2050 веројатно ќе треба да порасне на 70 години, од сегашните 66. Паралелно со ова препораката на една анализа од март годинава е дека државната потрошувачка на пензии треба да се ограничи на 6% од БДП-то. Моментално таа изнесува 4,8%, меѓутоа предвидувањето е дека ќе стигне до 8,1 во рок од 5 децении. Ваквата препорака значи дека возраста за пензионирање треба меѓу 2046 и 2048 треба да порасне на 69 години.