Мандатарот за состав на нова ирачка влада, Адел Абди Махди, на Фејсбук објави дека сите оние кои имаат „експертиза, специјализација и практично искуство“ можат да се пријават на специјално отворениот владин вебсајт за да бидат разгледани како потенцијални членови на неговиот кабинет.
Махди се надевал дека со тој транспарентен регрутен процес ќе дојде до високо професионален тим на технократи слободни од партиски и етнички влијание кои се главните фактори во обликувањето на тамошните влади по паѓањето на Садам Хусеин во 2003. А сè поголема е огорченоста на граѓаните заради владината некомпетентност, кронизaм и јавашлук. На Махди навистина му е потребна способна влада која треба да ја дигне земјата на нозе по 4 годишното војување со Исис кое заврши со преку три милиони раселени лица и уништени десетици илјади човечки животи и бизниси.

Ама интересот побајаги. На сајтот се пријавиле преку 36.000 лица, уверени дека токму тие се вистинско решение за некое министерско место. Службите се задоволни што 97% од пријавените рекле дека се партиски неопределени, 15% биле жени а кандидати имало од сите ирачки провинции. За нивна среќа, ќе бидат прегледувани само 9.317 случаи, оние кои со апликацијата поднеле и соодветни документи.
По масовните протести заради неефикасноста на државните служби и лошата безбедност во 2016 година, и претходниот ирачки премиер проба да ги замени политички намесници со непартиски и експертски кандидати но брзо беше ставен во скут на партиските механизми кои ја поддржуваа неговата влада.