Новите податоци укажуваат дека трипати поголем е бројот на оние кои се чувствуваат осамени, а се на возраст од 16 до 24 години (19%) во споредба со луѓето што се чувствуваат слично, а се постари од 65 години (6%).
Истражување покажа дека младите и оние што живеат по градовите се најсилно погодени од социјална изолација, наспроти стереотипите дека со тоа се мачат старците.
Само 14% од таканаречената Генерација З рекле дека никогаш не се осамени.
Зголемена анксиозност, намалена самодоверба и отсуство на мотивација, се дел од проблемите на младите на кои посочува истражувањето, а дигиталната ера ги наведува повеќе да се потпираат на дигиталните врски одошто на тет-а-тет искуствата.
Пандемијата била силен удар за младинската социјализација заради изменетите услови во кои биле принудени екстензивно да користат технологија, а експерти велат дека раскинот со таквиот мајндсет ќе биде тежок.
„Осаменоста кај младите има врска со социјалните медиуми, честите промени во животниот стил, или преселување во градови каде луѓето често живеат сами или само во една соба“, констатира експертот за осаменост, Трејси Робинс.
Поскапувањата сега дополнително ги ограничуваат социјалните можности. Познавачите се согласуваат дека да се биде дел од колектив има терапевтска вредност, што е доволна причина младите да излезат од дома.