Во Офшор ликс беше спомнато името на синот на поранешниот вице-премиер на Кувајт, во Свис ликс беше спомнат полу-братот на поранешниот саудиски крал, и поранешниот министер за внатрешни работи на Катар. Во Панама документите имаше 73 членови на кралски семејства од Блискиот исток, вклучувајќи го и актуелниот крал на Саудиска Арабија.
Во анализата што ја прави Зидојче Цајтунг се покажува дека главниот проблем е заматувањето на границата меѓу она што членовите на кралските семејства го прават како дел од својата професионална позиција (бидејќи речиси секој од нив држи некаква позиција во владата) и како личен бизнис. Заради ова во 2012-та речиси 100.000 луѓе излегоа на протести во Кувајт откако се дозна дека членови на владата и на парламентот (а во исто време и дел од кралското семејство), примиле поткуп од 250 милиони долари.
Актуелниот крал на Саудиска Арабија, доаѓа на престолот од позицијата гувернер на Ријад, саудиската престолнина која под негово раководство прераснува во град од неколку милиони жители, процес при кој Салман бин Абдулазиз ал-Сауд станува мултимилионер. Кралот ја отвора својата прв оф-шор компанија уште во 70-те, а моментално има цела мрежа на компании од кои дел беа активни барем до објавувањето на Панама документите.
Како пример за таинственоста весникот го наведува случајот со јахтата Ал-Миркаб, која "не е само јахта, туку пловечка палата". Долга е 133 метри (нешто повеќе од стандарден фудбалски терен), има кино, неколку базени, барови и десет апартмани, во кои треба да се сместат 24 одбрани гости.
До сега се тврдеше дека јахтата му припаѓа на поранешниот Емир на Катар, Хамад бил Калифа ал-Тани. Панама документите покажуваат дека нејзината изградба ја води компанијата "Трик Уан Лимитед" регистрирана на Бахамите. Според евиденцијата на Мосак Фонсека, одговорен за компанијата е Дејвид Аткинсон, наводниот капетан на бродот. Кога тие му прават проверка на Аткинсон и од него бараат да им достави две сметки за струја на негово име (за да го утврдат неговиот идентитет и место на живеење), добиваат повратен меил дека "документите за проверка не можат да бидат обезбедени. На пример, барате две сметки за струја!!!!! Ќе мора да најдете друго решение."
Проблемот со двете сметки е што Аткинсон, директорот и капетан, најверојатно не постои. Според Панама документите мејлот на Капетанот е наведен како дел од контактите за Шеик Хамад бин Јасим бин Јабер ал-Тани, поранешниот министер за надворешни работи и премиер на Катар, и втор братучед на владетелот на Катар.
"Прашањето зошто апсолутен владетел како Салман бин Абдулазиз ал-Сауд би сакал да го крие своето богатство останува мистерија. Тој не мора да избегнува даночни закони или регулација бидејќи тој е одговорен за нивно создавање. Дополнително, Саудиска Арабија нема Парламент составен од избрани членови, бидејќи целата власт е во рацете на монархот и неговото семејство.
Францускиот економист Габриел Зукман објаснува: 'Нивниот пат кон богатење е навистина екстремна форма на среќа. Си станал богат само затоа што се погодило да си владетел на земја која открила нафта, и дека цената на нафтата во тоа време се случило да е во раст. Оваа форма на богатство е основа за ризик од тоа други да го стават под знак прашање легитимитетот на твојот имот, тврдејќи дека е тотално нефер едно семејство да биде толку богато кога во истиот географски регион на Блискиот исток милиони луѓе живеат во сиромаштија,'" пишува во анализата на Зидојче Цајтунг.
Новинарите на весникот го праќаат ова прашање до саудиската амбасада во Берлин, и не добиваат никаков конкретен одговор. Подоцна истото прашање им го поставуваат на двајца високи членови на кралското семејство, чиј одговор не било дозволено официјално да биде пренесен.