Двајца научници од Универзитетот Калифорнија Беркли, истражуваат како е можно бубашвабите да бидат во која било соба или креденец, без разлика колку добро се затворени.
Дуото сака да провери низ колкав процеп може да се протнат, вообичаено, 12 милиметри високите бубачки. Одговорот е, им треба простор од само 3 милиметри. Тие дошле до заклучок дека бубачките разликата во висина ја постигнуваат со клекнување, а потоа со компресирање на телото на половина, инстантно трансформирајќи се во речиси сплескана верзија од самите себе.
Дополнителен кошмар е што бубашвабите и во ваква агрегатна состојба се застрашувачки брзи, достигнувајќи брзина од 60 сантиметри во секунда, што според истражувачите "во човечки димензии е нешто како над 110 километри на час."
Бубачкиве кога се обидувале да минат низ тесни простори искусувале притисок од околу 300 пати поголем од нивната телесна тежина. Максимумот што можат да го издржат е 900 пати од нивната тежина, и притоа да не претрпат какво било оштетување.
Сите овие подвизи се возможни заради крутиот ексоскелет, кој е составен од тврди плочки споени со меки и флексибилни мембрани кои функционираат како зглобови.