И покрај ужасите преживеани за време на 70-годишната власт на советската комунистичка партија (многу често дополнети и надградени со секое прераскажување), како што забележува Вашингтон пост, сепак малкумина го славеа крајот на СССР.
„Чудно е колку малку реакција имаше. Кога падна Берлинскиот ѕид, сите беа на улица. Овој настан беше од исто значење, ама изгледаше како на никој да не му е гајле“, изјавил за Пост берлинскиот фотограф Ули Клесе, кој се нашол во Москва на денот на менувањето на знамето.
25 години подоцна, Горбачов дава интервју во кое го критикува Западот за тоа што не реагирал при распадот на Советскиот Сојуз и ги нападна „предавниците“ што го овозможиле тоа. Во исто време Путин го нарекува падот на Советскиот Сојуз „најголемата геостратешка катастрофа на векот“.
Анкетите на Левада-центарот покажуваат дека бројот на Русите што жалат за распадот на Советскиот Сојуз од 1992 до денес само еднаш паднал под 50%. На последната анкета бројката изнесува 56% ужалени. Според студијата на Левада, главен фактор во „тагата“ по СССР е уништувањето на заедничкиот економски систем на советските републики. Логиката зад ова е дека планската економија обезбедува финансиска стабилност, која веднаш се покажува како клучен недостаток на новиот систем.
По симнувањето на знамето следува период на катастрофална приватизација, корупција, девалвирање на рубљата, создавање на олигарсите, а за народот губење на речиси секој можен статус од времето на СССР.
На второ место, по губењето на заедничкиот пазар, е губењето на статусот на светска сила, поради што голем број Руси се чувствуваат понижени и за што ги обвинуваат западните советници. Како што НАТО се шири во стандардната руска зона на интерес, така многумина почнуваат да се чувствуваат дека се комплетно игнорирани од САД и Европа.
Слична носталгија како кај Русите има и во останатите советски републики, каде што една студија на ЕБРД и Светската банка покажува дека повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека враќањето на некој авторитарен режим би било позитивно во одредени околности.
На сето ова, последните анкети покажуваат дека значителен број Руси (46% од испитаниците) поддржуваат или комбинирање на неколку поранешни советски републики во нова унија, или интегрирање на сите поранешни советски републики во нов блок налик ЕУ.