Зошто на Калифорнија ѝ требаат кондоми за во женски затвори?

Калифорнија лани реши дека не постои биолошки пол и дека тоа треба да важи и за затворите, што значи дека биолошки мажи (по старовремски) можат да решат да ја отслужуваат казната во женски затвор. Нагрнале преку 300 од новосознаените „жени“. Ќе биде работата „и волкот сит и овците преку број“.

Демократскиот сенатор кд Калифорнија Скот Веинер изјави дека е горд на законот за кој тој беше движечка сила а по кој на осудените лица им се дава слобода да бидат затворени согласно родовиот идентитет со кој се поистоветуваат а не според полот по кој биолошки се форматирани.

Тој закон - S.B. 132 - го потпиша гувернерот Гевин Њусам и до јули годинава, околу 300 машки затвореници изразиле особен интерес и желба да бидат префрлени во женски затвори.

Се процесираат бавно, досега биле решени само дваесетина случаи но интересно е што досега никој не е одбиен, а меѓу одобрените трансфери имало и осуденици за сексуални злосторства. Заради тоа, непрофитниот Фронт за ослободување на жените му пиша на гувернерот едно алармантно отворено писмо барајќи да бидат преземени итни мерки за заштита на затворските штитенички.

Една осуденичка сведочи каква узбуна во нивните редови предизвикала најавата за трансфер на новите „цимерки“.

„“Не се шалете. Затворски силувања и досега се случувале, но никогаш порано не сме имале маж со комплетна машка анатомија меѓу нас. Сега со такви треба да делиме туш“, сликовито доловува извесна Амбер Џексон.

Фрката е иманентна со оглед на тоа што медицинските објекти во женските затвори веќе се опремени со кондоми и афтер-пилули за контрацепција а прописно се изложени и информативни постери кои се однесуваат на бременоста, пренаталната грижа, усвојувањето....

„Сексуалните разлики се биолошка реалност и не можат да се игнорираат само за да биде задоволена некоја идеологија. Жените се апсолутно ранливи кога се затворени со физички посилни затвореници кои, главно, и натаму ја поседуваат биолошката опрема за силување. Сенаторот Веинер може да си замислува дека овие реалности не постојат но тие нималку не се апстрактни за преку 8.000 жени кои се заклучени во калифорниските затвори“, пишува Нешенл Ривју.

27 август 2021 - 13:30