Амбицијата на пекиншкиот Универзитет за странски студии, Беиваи, кој веќе нуди студии по 84 јазици, е да ги има покриено сите официјални јазици на земјите со кои Кина има дипломатски односи. Па овие нови 11 јазици опфаќаат територија на Блискиот Исток, Пацификот, Африка и Источна Европа.
Новата пратка ги содржи и самоански и маорски јазик, иако последниов се проценува дека има само 30 до 50 илјади возрасни говорници. Она што може да претставува одредена неугодност околу равенката "официјални јазици + земји со кои Кина има дипломатски односи" е што во пакетот е додаден и - курдски јазик.
Заинтересираноста за африканските јазици се поврзува со иницијативата за новиот Пат на свилата, која опфаќа цели парчиња од Африка, плус нивната обѕирност кон јазичната чувствителност во регионот.
"Дури и локалците да знаат англиски и француски, два главни јазика во овие региони, кинеската влада не би сакала да ги користи нив за да комуницира.
Англискиот и францускиот се колонијални јазици во Африка, а нивното користење, според деканката за азиски и африкански студии на Беиваи, 'ја продолжува хегемонијата во регионот... дипломатите, бизнисмените и хуманитарните работници кои ги зборуваат локалните јазици можат повеќе да бидат вклучени, а во исто време им помагаат на Африканците да го зачуваат своето наследство и да ги задржат своите културолошки вредности'.
Исто така многу веројатно е дека Кинезите не сакаат да водат бизнис на јазикот на некоја од конкурентските суперсили," пишува Мајкл Ерард во Аутлајн.
Паралелно со отворањето студии по африкански јазици дома, Кина повеќе од една деценија работи на ширење на мандаринскиот јазик низ светот. Во 2016 имаше над 500 Конфучиј институти низ планетата, од кои 46 беа во Африка. (Институтот е нешто како кинеска верзија на Француски културен центар или на Гете институтот.)