Разузнавачките служби МИ5 и МИ6 во нов извештај предупредуваат дека групата Исламска држава почнала да користи алатки со вештачка интелигенција за да го прошири своето влијание во Британија.
Користејќи ја нестабилната ситуација на Блискиот Исток и на Рогот на Африка, групите Ал каеда и Исламска држава повторно имаат амбиции да добијат поцврсти упоришта. Тие лично ги охрабруваат своите симпатизери и ги поттикнуваат за напади во западните земји, предупреди Кен Меккалум, директор на разузнавачката агенција МИ5.
Алатките со ВИ им овозможуваат на џихадистичките групи побрзо и пошироко да ја прошират својата пропаганда по социјалните платформи. Инстантно преведуваат повици и пораки на десетици јазици и ги прошируваат до целни корисници пред да може да бидат забележани и отстранети. Пропагандата е насочена за регрутација на нов бран доброволци да се придружат во камповите, пред сè во Сирија, но и за да ги мотивираат да спроведат терористички напади во Британија.
На својот врв пред повеќе од една деценија, најмалку 30.000 странски борци, вклучувајќи 900 Британци, отпатувале на Блискиот Исток за да се обучат и да се борат за исламистичката терористичка мрежа. Повеќе од една четвртина загинаа, а повеќето од оние што се враќаа во Британија беа приведени под обвинение за тероризам.

Новата кампања за регрутирање преку социјалните медиуми е насочена кон нова генерација млади Британци. Тинејџер од јужен Лондон неодамна бил приведен на аеродромот Гетвик под обвинение дека имал намера да отпатува во Сирија за да им се придружи на терористите од ИСИС. Џихадистите ги засилија своите активности во Сирија по соборувањето на режимот на Башар ал Асад, бидејќи бунтовничките групи на чело со Ахмед ал Шара сè уште не воспоставиле ред во земјата.
Во исто време се зголемува бројот на младите луѓе со радикални ставови или и со интерес за екстремно насилство и напади со масовни жртви, покажува извештај на Министерството за внатрешни работи. Во периодот од јули 2024 година до март годинава имало 6.350 пријави на вакви случаи во програмата Prevent, што е за 34% повеќе отколку во истиот период претходно.
САД уште лани почнаа да ги повлекуваат преостанатите војници од базите во Ирак, но британските сили сè уште се активни против остатоци од ИСИС во регионот преку операцијата „Шејдер“, со фокус врз Сирија. Министерството за одбрана објави дека во рамките на „Шејдер“ во изминатите десетина години припадници на елитните единици САС, СБС и Специјалниот извидувачки одред убиле повеќе од 4.000 терористи од ИСИС – од заседи, ликвидации со снајпери или преку обележување бази за бомбардирања.