Вол Стрит Журнал пресметал дека на 32 натпревара на Светското биле потрошени 132 минути на виткање на терен. Од 302-та случаи во кои фудбалерите изгледаат сериозно повредни, на 293 им станало подобро само по неколку секунди. Само 9 фудбалери биле навистина повредени.
Дел од одбраната за фудбалерите е дека фаулите и последователното лежење по земја се случуваат заради брзината на денешниот фудбал. Контра-аргумент за ова е кој било натпревар од Мундијалите во 30-те и 40-те години од минатиот век, кои се играат до изнемоштување, и кои се крајно хаотични, во споредба со денешната шаховска распореденост на играчите на теренот.
"Работите почнуваат да се менуваат кога надлежните органи решаваат да го подобрат имиџот на фудбалот со тоа што ќе го намалат насилството на теренот. Не се знае точно од кога е ова, меѓутоа нервозата околу повредите на играчите почнува да расте во 70-те, а се интензивира во 1980-те.
Резултатот е намалување на границата на она што се смета за фаул - или нелегален контакт со тело. До почетокот на 2000-та, за играчите е речиси невозможно без фаул да влезат во дуел за топка.
И ова е сржта на проблемот. Сега кога целата игра се базира на поседот на топка, една од најголемите грешки што можеш да ја направиш е противникот да ти ја одземе топката. А бидејќи ова е многу поретко, станува многу посрамно ако ти се случи.
Во ваква ситуација театралното однесување на играчите почнува да личи многу поразбирливо. Со тоа што ќе викнат и ќе се фрлат себе си на земја, играчите ги присилуваат судиите да донесат одлука за ситуации во кои порано таа не била потребна. И заради ниската толеранција за насилна игра, ова однесување често се наградува со слободен удар, без разлика колку е мал контактот," пишува Мајкл Гард за сајтот The Conversation.
Во ваквите ситуации кога судијата ќе одлучи да не пресуди фаул, повредениот фудбалер треба да донесе одлука. "Некогаш ова заздравување од пред вратите на смртта е чудесно инстантно откако играчот ќе почувствува дека тој му треба на својот тим." Играчот може да одлучи и дека е срамота ако сега престане со глумењето, па ја продолжува претставата до крај, односно додека судијата не ја прекине играта.
"Најважно, глумењето повреда е обид да се поништи предноста на противникот од тоа што ја освоил топката. Па со намалување на толеранцијата за фаули, надлежните креираа чудна пуританска и хипокритичка култура на теренот, во која истакнувањето на грешките на другите е поважно отколку личното етичко однесување," пишува Гард.