Животот на ловците на мафијаши

Официјалното име на единицата е Catturandi (доаѓа од – да се фати), иако тие себе се доживуваат како Банда лавови, најпрепознатлив дел од облеката им се ски-маските што е најмногу што некогаш јавноста ќе се приближи до нивниот идентитет и според нивни зборови, ги нема повеќе од 20 луѓе. Задачата им е лов на италијанските мафијашки босови.

По неколку децении минати во добивање закани од типот отсечени козји глави испратени на домашна адреса, или фотографии со регистрациите на нивните автомобили, членовите на единицата од очигледни причини одлучуваат да влезат во длабока анонимност.

Едно од најнеочекуваните искуства на членовите на единицата е што развиваат интимен однос со криминалците што ги следат и треба да ги уапсат, најмногу затоа што следењето може да трае и со децении.

"Исто е како да живееш со луѓево. Ги слушаш како ги воспитуваат своите деца, ги слушаш нивните семејни проблеми, гледаш како децата им растат и нивните емоции стануваат твои.

(За доктор од Палермо, кој сега е во затвор.)

Навистина беше учен човек, сите научивме италијанска литература додека го слушавме. Запишувавме белешки и ги баравме книгите што ги споменуваше во бескрајните предавања што им ги држеше на неговите деца. Беше како да слушаш радио емисија и сите бевме фасцинирани од неговите манири, неговиот начин на размислување и креативност. Тешко беше да се поверува дека е мафијаш," раскажува еден од членовите на единицата во разговорот за БиБиСи, објаснувајќи дека по вака изградена врска најтежок е периодот од неколку недели по апсењето кога повеќе немаш никаков контакт со човекот кој си го следел десетина години.

Неговото искуство е дека реакцијата на мафијашите при апсење никогаш не е идентична. Кога е уапсен босот Џовани Бруска (кој меѓу другото е обвинет за киднапирање, измачување и убиство на 11-годишниот син на друг мафијаш), тој почнува да плаче како мало дете, од друга страна Провензано, сицилијанскиот капо ди тути капи, останува смирен и на еден од припадниците на единицата само му шепнува "Не знаеш што правиш."



(Од апсењето на Провензано)


Човеков со кого разговара БиБиСи се приклучува во единицата откако Бруска во 1992-ра година врши атентат на Џовани Фалконе (главниот судија во борбата против мафијата) поставувајќи половина тон експлозив под автопатот кој води до меѓународниот аеродром во Палермо. Тој на 18 години се откажува од студиите по биологија и се префрла во единицата.

Следејќи го Бруска, тој завршува во гратчето Чинизи во близина на Палермо. Таму не сакајќи ја запознава и својата сегашна сопруга.

"Имаше група девојки на кои им се приближивме. Целата беше да се запознаеме со луѓето од Чинизи без некој да се сомнева во нас. Нормално дека успеа... го фативме човекот, ама подоцна мораше да се оженам со девојката што ја запознав.

Наместо да ја носам девојка ми, сега сопруга, на убавите плажи и да ја бацувам под ѕвездите, јас ја носев на ужасни места, ќорсокаци преплавени со ѓубре, само затоа што ја следев љубовницата на човекот што го бркавме. Никогаш не и беше јасно зошто ја носам таму.

Откако ќе ја оставев дома, се враќав во канцеларија за да рапортирам.

Приказната беше дека работам на пасошко.

Ама кога го уапсивме Бруска сите беа пред екраните и го снимаа апсењето. Кога жена ми (тогаш девојка) ги загледа мажите со ски-маски на телевизија, меѓу нив забележа еден познат грб и ми се јави. Не можев веќе да се кријам и ја кажав вистината. И реков 'те молам не и кажувај на баба ти, затоа што цел свет ќе дознае.' За среќа, знаеше како да чува тајна," објаснува соговорникот.

Неговата процена е дека денес италијанската мафија не е ни приближно опасна како претходно, ниту пак слободна да убива кого сака како што тоа било случај пред 20 години, и дека претежно сè се сведува на задкулисни игри, преговори и корупција.

19 јануари 2016 - 10:39