Во 1840-тите,група англиски политичари предлагаат сет на идеи кои се различни од нивните етаблирани колеги на политичката сцена. Тогаш постојат Ториевци кои се партија на Круната и селото и Виговци кои ги фаворизираат трговските интереси во однос на аристократските земјопоседници. Ниедна од нив е ни левица ни десница во денешна смисла.
Но, и ниедна од тие две партии веќе не ѝ пасува на Британија која брзо се индустријализира а луѓето го напуштаат селото за да заминат во градските фабрики. Новопојавените либерали ги прифаќаат темелните идеи на шкотскиот економист Адам Смит и веруваат дека во стабилна атмосфера и со ниски даноци, капитализмот ќе успева на сите да им обезбеди добар живот. Улогата на државата е само да ги одржува тркалата на капитализмот подмачкани и да остави „невидливата рака на пазарот“ да ги средува проблемите.
Конечно, новите либерали ги менуваат Виговците и ја водат британската влада, вака или онака, следните 70 години, сè до Првата светска војна.
Но нештата се менуваат веќе од почетокот на 20-от век, кога новата партија, Лабуристичката, добива залет со идеја дека Либералите немаат капацитет да се справат со предизвиците. Невидливата рака на Адам Смит е склона дебело да ги наградува индустријалците а за работниците да фрла трошки колку да се одржуваат живи во фабричките хали.
Од крајот на 40-тие години, британската Лабуристичка партија постепено ги покачува даноците на приход, креира осигурителните и пензиски програми, како и национална здравствена заштита за сите. Ваквиот тренд на економски интервенционизам се прелева и на другата страна на Атлантикот; демократот Френклин Рузвелт го победува полибералниот републиканец Херберт Хувер со ветување за габаритен владин пакет за стимулации со кои ќе се помогне преживувањето на економската криза, попознат како Њу Дил.
Во пошироки потези, експанзијата на владини социјални програми, што е столб на левицата, трае 40-тина години. Дури и републиканците прифаќаат поголема улога на државата во регулирање на економскиот живот. Ајзенхауер воведува поддршка за луѓето со мали примања, Никсон се обидува да ја прошири федералната помош за детски додатоци.
Анти-левичарскиот против-удар се случува кон крајот на 70-тите години, кога се предлага враќање кон економскиот либерализам, инспирирано првенствено од чикашките економисти Фридрих Хајек и Милтон Фридман. Во 1980 година, Роналд Реган најавува нерестриктивен капитализам кој ќе ја ослободи „магијата на пазарот“, на линија на идејата на Адам Смит. И Реган и Маргарет Тачер ги намалуваат оданочувањата на богатството, се тепаат со синдикати, ја стеснуваат социјалната сигурност и приватизираат национални индустрии.
Враќањето на либералните идеи, генерално наречени неолиберлизам, почнува да ги преминува партиските линии па и демократот Клинтон продолжува некои либерални политики на Реган и Буш, како што е намалувањето на социјалните пакети или комплетирање на Северно-американскиот договор за слободна трговија.
Од денешниот кастинг кај американските демократи, Бајден е либерал во клинтонова смисла, Камала Харис и Пит Бутиџеџ се и ваму и таму, а Сандерс и Елизабет Ворен се левичари.
„Гласачите треба да ги разберат фундаменталните разлики меѓу либерализмот и левицата. Тоа е разлика меѓи кандидат кој верува дека капитализмот, со сосема минимално штимање, може да им ги задоволи потребите на сите, од кандидат кој е убеден дека е неопходно капиталистичката економија да се подобрува со сериозни интервенции,“ објаснува професорот Џон Бројч.