Законскиот амандман ја проширува канадската правна јурисдикција и во вселената па на своите астронаути им порачува дека ќе бидат законски гонети доколку на некоја од своите мисии извршат кривично дело.
Во основа, амандманот значи дека ако Канаѓанец изврши кривично дело додека е во вселената, ќе биде пречекан со лисици кога ќе се врати (освен ако не реши да остане некако горе). Тоа, исто така веројатно значи дека Канаѓаните досега можеле да убиваат и ограбуваат сè што сакаат, под услов тоа да го прават додека се во орбитата.
За потребата од регулирање на вселенското беззаконие се зборува веќе извесно време. Темата стана актуелна откако во 2019 година американска астронаутка на служба во Меѓународната вселенска станица беше обвинета за првиот вселенски криминал во историјата.
Овоземниот љубовен партнер на астронаутката Ен Ворден ја обвини дека го користела компјутерот на ИСС за да буричка во неговите банкарски сметки, што се смета за кражба на идентитет. Обвинувањата испаднаа лажни па сега тој одговара за лажење на истражните органи.
Однесувањето на луѓето од екипажот на ИСС е регулиран со договор чиј потписник е и Канада и кој предвидува астронаутите да одговараат за сторени казнени дела според законодавствата на своите земји. Меѓутоа, останува голема сива зона околу тоа по чии закони би се средувале евентуални конфликти меѓу астронаути од различни земји.