Минатата недела во Оукленд, Калифорнија, членови на "Black Lives Matter" протестирале пред судот во кој се води процес за убиство на еден Афро-Американец од страна на локалната полиција.
Им пришол полицаец и побарал да отстранат еден транспарент и да се тргнат од тоа место. Активистите веднаш испоизвадиле телефони и почнале да ја снимаат конверзацијата со полицаецот, во случај тој претера во ревноста (што во конфронтирање со БЛМ, не е баш добро за неговата кариера).
Во САД секому му е дозволено да снима полиција на јавен простор. И полицајците се опремени со камери кои најчесто се вклучени и јавноста смее да бара снимка од тие камери, ако постои сомневање за прекршување на законот.
Кога сфатил дека го снимаат, полицаецот го извадил сопствениот телефон и на најјако пуштил песна од Тејлор Свифт. Зошто? Затоа што знаел дека снимките од активистите од тој настан, на Јутјуб нема да издржат ни неколку минути, доколку на нив се слуша заштитена музика, што софтверот на Јутјуб многу брзо и успешно го лови. А пуштање на видео без тон во вакви случаи е бескорисно бидејќи суштината е муабетот меѓу двете страни.
Во случајов активистите реагирале бурно и упорно и на крај Јутјуб спак ги оставил нивните видеа, оценувајќи дека јавниот интерес овде е над авторските права. Сепак, се работи за исклучок на Јутјуб и во случаи и места каде што реакцијата не би била толку гласна, видеата би бил скинати.
Особено интересна е можноста полицаец да сними некоја своја музика, да ја заштити и да забрани нејзино емитување надвор од неговиот официјален канал на Јутјуб, што би можело да стане стандарден саундтрак за полициски акции кои не треба да се најдат на Јутјуб.