Тефтерчињата на Сорос за кадри во ЕУ и ООН

Како фондациите основани од големи корпорации и бизниси влијаат на работењето на дел од организациите поврзани со Обединетите Нации и Европската Унија.

Европскиот центар за право и правда (ECLJ) објави два извештаи во кои е објаснето како самонарачени прогресивни невладини организации и приватни фондации основани од големи корпорации, влијаат на работата на неколку клучни светски и европски институции со цел промоција на политиките на отворени граници и миграција, и нивно внесување во меѓународното право.

Најновиот извештај (The Financing of UN Experts) на ECLJ утврдил дека буџетот на Канцеларијата на Високиот претставник на Обединетите нации за човекови права (OHCHR), која е една од организациите при Секретаријатот на Обединетите Нации, сè повеќе е финансирана од мал број на невладини организации и фондации како што се Форд, Отворено општество, MacArthur, Call for Code (основана и предводена од Бил Клинтон), Counterpart International и Wellspring Philanthropic. Во периодот од 2015 и 2019 година дури 40% од буџетот за посебни постапки на OHCHR бил обезбеден преку вонбуџетско финансирање токму од вакви организации и мал број на држави. Од 2010 година до сега, дури 52 од вкупно 222 високи претставници на Канцеларијата за човекови права при ОН биле или се на високи позиции во Фондацијата отворено општество или во невладини организации финансирани од фондациите на Форд и Отворено општество.

Дел од експертите на УН кои биле интервјуирани при подготовката на извештајот на ECLJ, потврдиле дека агендата на донаторите без исклучок е политичка, при што еден од високите претставници на Канцеларијата кажал дека веднаш по неговиот избор први кои побарале и оствариле средба биле претставници на Фондацијата Отворено Општество од Женева. Иако е тешко објективно да се измери влијанието на невладините врз експертите од OHCHR, дел од финансиерите отворено говорат дека сакаат да влијаат на политиките за миграција, но и други политики.

Според извештајот во периодот од 2015 до 2019 година 37 од 121 експерт од Канцеларијата за човекови права при ОН добиле финансиска подршка во 134 наврати во вкупен износ од 10,7 милиони долари, при што еден од нив добил над 2 милиони долари, друг повеќе од 1 милион долари, шестмина над половина милион долари, а единаесет по 100 илјади долари. Поради ова се оценува дека системот за заштита на човековите права при ОН е „заробен“ од мал број на „корпоративни“ играчи, иако е пропишано дека експертите треба да се независни во својата работа.

Во претходниот извештај (NGOs and the Judges of the ECHR, 2009 – 2019) анализирано е влијанието на истите овие приватни организации врз работата на Европскиот суд за човекови права. Утврдено е дека најмалку 22 од 100 судии на Европскиот суд за човекови права се поранешни вработени на 7 невладини организации, при што 12 од нив работеле во Фондацијата отворено општество. Често се случувало судиите да судат на случаи во кои невладините организации во кои претходно работеле давале подршка на една од страните, што е јасен пример на конфликт на интерес. Поради ваквото значајно присуство на судии од една иста затворена мрежа на невладини организации во европскиот систем за заштита на човековите права се доведува во прашање неговата независност при одлучувањето. Иако Европскиот суд за човекови права но и Европската Комисија избегнаа да дадат официјален коментар во врска со извештајот, министрите при Советот на Европа дадоа одговор со препораки за надминување на потенцијалниот конфликт на интерес кај судиите. Покрај ова имаше и други реакции со осуда на ваквата пракса и од правната фела, медиумите, европски парламентарци, како и реакции на неколку европски влади.

********

Џорџ Сорос и неговите 226 ЕУ јатаци

 

3 септември 2021 - 10:12