Како што се стемнува, од топлата пред седиштето на Штази се отцепува една група демонстранти која тргнува кон вилата на КГБ. Испаничен, Путин се јавува во командата на советската армија во Дрезден и бара засилување. Засилување, нема.
„Добив впечаток дека државата веќе не постои. Дека исчезнала. Беше јасно дека Сојузот се распаѓа. Имаше смртоносна болест за која немаше лек - парализа на моќ,“ изјавува Путин во едно интервју години подоцна.
Додека гледано од Западот распадот на СССР беше еден од најголемите триумфи, гледано од внатре падот значеше почеток на ерата на понижување на рускиот и најголемиот дел од останатите советски народи.
Моментот кога не го добива засилувањето што го бара Путин во повеќе наврати го опишува како пресвртница во неговиот живот, по негови зборови, моментот кога тој решава дека својот живот ќе го посвети на враќање на славата на својата држава.
Во новата книга „Луѓето на Путин“, авторката Катерина Белтон, тврди дека фалат огромни парчиња во верзијата на настаните што ја продава рускиот претседател. Според Белтон, случувањата во Дрезден во декември 1989 не се изненадување за Путин и колегите од КГБ кои од претходно активно се подготвуваат за тоа што ќе се случи.
Во август 1988, висок функционер од Москва доаѓа во Источен Берлин и почнува да регрутира германски „спијачи“ агенти, кои продолжуваат да работат со КГБ, и со институциите кои го заменуваат КГБ, дури и по обединувањето на Германија и падот на СССР. Паралелно со операцијата во Источен Берлин, КГБ исто така отвора оф-шор сметки, лажни компании и поставува фондови со „црни пари“, кои во 1990-те ќе помогнат дел од членовите на КГБ да дојдат до огромни богатства и моќ. Пример, од 1986 до 1988, Штази префрла милиони марки на мрежа компании во Швајцарија, Линхтенштајн и Сингапур, сите компании управувани од австриски бизнисмен по име Мартин Шлауф. Белтон пишува дека Шлауф и неговите компании повторно ќе се појават години подоцна како „клучни запчаници во операциите за влијание на режимот на Путин“.
Сомнежот е и дека екипата КГБ Дрезден одиграла дополнителна улога во внимателните подготовки за пост-комунистичка иднина на Русија. Токму затоа што Дрезден е една од најнезанимливите точки за разузнавачката мрежа, КГБ и Штази таму организраат средби со дел од екстремистичките организации што ги поддржуваат на Западот и низ светот. Како пример тие го наведуваат убиството на првиот човек на Дојче банк, Алфред Херхаузен, во ноември 1989, од активисти на Бадер-Мајнхоф. Херхаузен освен позицијата во банката е и советник на германската влада околу економскиот сегмент на обединувањето и противник на поинтегрирана европска економија. Претпоставката е дека неговото убиство е нарачано од КГБ, а има неколку потенцијални причини што се во игра, од тоа дека не бил компатибилен со идеите на КГБ за обединувањето на Германија, до нивните планови за европската економија.
Иако зборува за екипата на Путин од Дрезден, Белтон не наведува никакви докази за негова вклученост во овие проекти. Она што книгата на Белтон како целина покажува, потпирајќи се на неколку претходни книги на темата, е дека иако Путин пали документи во Дрезден „тој никогаш не го изгубил контактот со луѓето, тактиките, и операциите започнати од КГБ во тоа време.“
Накалемувајќи ја секоја поголема крајно десничарска појава во ЕУ на конто на Путин, (француски Национален фронт, италијанска Северна лига, па и Алтернатива на Германија во чие создавање според Белтон учествувал и Путин) во книгата се тврди дека политичката пресвртница на рускиот претседател е 2005 и успехот на тогашната револуција во Украина. Токму стравот дека ова може да се повтори и на други места на кои владеат про-руски владетели, според Белтон го тера Путин да возврати на единствениот начин на кој знае“.
Белтон тврди дека сите овие активности кои се одвиваат повеќе од 30 години кулминираат во кариерата на Доналд Трамп, за кого таа пишува дека со децении бил финансиски спасуван од руски бизнисмени, и добивал нивна заштита и контакти. На листата се Феликс Сатер, Русин со врски со мафијата чија компанија служи како посредник за заградите на Трамп во Менхетен и Феникс; Алекс Шнајдер, руски трговец со метал кој го купува Трамп хотелот во Торонто; Дмитри Риболовлев, олигарх кој во 2008 ја купува вилата на Трамп во Палм Бич за 95 милиони долари, два пати повеќе отколку што Трамп ја има платено и токму во моментот кога компаниите на Трамп се погодени со глобалната финансиска криза.