Стварно си гола вода во споредба со татко ти

Сомнежот што сето ова време успешно го гасиш со "и јас на негови години ќе имам таква сила" излезе дека ти е сосема оправдан - татко ти стварно е посилен од тебе, и тоа на која возраст сакаш споредувај се.

Студијата е правена на околу 240 здрави студенти на универзитетите во Северна Каролина на возраст од 20 до 34 години. Мерени се сила на стисок (со цела рака) и сила на штипење (со два прста).

Просекот на испитаниците на тестот за стисок бил 44,5 килограми сила. За споредба, во 1985 просекот бил 53 килограми. Како недостаток на споредбата се наведува што сите испитаници денес се регрутирани од студенти, додека во студијата од 1985 биле собрани волонтери од околината на Милвоки, без никаков друг критериум. Сепак бројките од студијата во Северна Каролина одговараат на резултатите добиени од скорешни студии на национално ниво.

Ако е некаква утеха за малку постарите, разликата во силата на стисокот кај групата од 30 до 34 години била далеку помала и изнесувала само 5 килограми (просекот бил 48 килограми). Најголема разлика имало кај мажите на возраст од 25 до 29 години, кои имале 11,3 килограми (просек од 42 килограми) послаб резултат од оние во 1985.

Кај жените разликата била далеку помала, и споредена со нивните претходнички од 1985-та, тие "паднале" само 1,8 килограми. Додека групата жени од 30-34 имаат просек од 44,5 килограми, или 8,6 килограми посилен стисок во споредба со соодветната група од 1985.

Една дополнителна споредба за вадење душа на мажјаците е дека во 1985-та маж на возраст меѓу 30 и 34 години имал 14 килограми посилен стисок отколку неговата врсничка. Денес во истата споредба речиси и да нема разлика меѓу двата пола.

16 август 2016 - 15:18