Во април оваа година Жижек настапи на настан организиран од Гардијан. Една од темите за која се знаеше дека наскоро ќе се вжешти беше - Доналд Трамп и неговата вистинска политичка ориентација.
Десничарскиот популизам во Европа и истиот во САД според Жижек не се разделени со океан, туку со плитка рекичка:
„Многумина се жалат во врска со таканаречениот демократски дефицит во Европа“, го започна тој своето обраќање пред лондонската публика. „Но тука се среќаваме со еден стар проблем: што се случува со демократијата кога мнозинството гласа за расистички и сексистички закани? За жал морам да извлечам заклучок дека еманципаторската политика не би требало а приори да биде врзана за демократските процедури - луѓето често не знаат што сакаат, не го сакаат она што го знаат, или едноставно сакаат нешто погрешно“.
Многу бргу потоа разговорот врти кон „тотемот“ на популистичката политика во Америка, Трамп. Доколку се анализира детално - а Жижек е свесен колку е тоа тешко - и ако се прескокнат сите негови расистички и сексистички глупости, ќе се види дека таму каде што Трамп истапува со целосен предлог не е толку лош. На пример неговиот став дека нема целосно да ја уништи универзалната здравствена заштита, дека ќе ја зголеми минималната плата итн.
Ликот и делото на Трамп, според Жижек, се всушност парадоксални:
Тој е во суштина либерал од центарот, а според економските политики поблизок до демократите, нешто што очајно се обидува да го маскира. Така, функцијата на сите овие валкани вицови и глупости е да го покрие она што тој навистина е - политичар од центарот.
И сега се поставува прашањето - а да не е и Жижек малку поблизок до Трамп отколку што тоа изгледа? Двајцата се изразуваат така за да бидат лесни за цитирање, знаејќи дека со тоа давааат повод она што го кажуваат да предизвика скандал доколку се извади од контекст. Истовремено обајцата, додуша на различен начин, се она што медиумите го нарекуваат „голем карактер“, или по нашки „терсене“. Ете како обидот за пресликување на некоја идеја од европската десница, преку трамповиот популизам, доведена до нејзинот микро-облик, на крај може да се сведе на - конкретен човек.