Во доделувањето, Нобеловиот комитет порачува дека Сантос ја дели наградата со колумбискиот народ "кој не се откажал од надежта за мир," и признава дека процесот за постигнување конечен мир се уште е во тек, како и тоа дека "тоа што мнозинството гласачи го одбиле мировниот договор не мора да значи дека мировниот процес е мртов." Како позитивен знак за ова се толкува и честитката од лидерот на ФАРК до Сантос за добиената награда.
И покрај тоа што Нобеловата награда за мир ја имаат добиено некои од "хероите на нашето време", како Арафат, Перез и Рабин во 1994-та, за крај на израелско-палестинскиот конфликт, или Де Клерк и Мандела за крајот на Апартхејдот, "сепак во изминатите две децении имаше малку такви награди што се издигнуваат над сите останати."
"Списокот на скорешни добитници покажува тренд кон признавање на победници кои иако заслужуваат восхит имаат малку конкретни постигнувања. Премногу често наградите изгледаа како '5-ка' за труд, а не за достигнување. Нема двајца добитници кои подобро го отсликуваат ова отколку Обама во 2009 и Малала во 2014. Обама ја доби наградата по само неколку месеци на функција, примарно како признание, за тоа што не е Џорџ Буш. Малала стана меѓународен херој кога на 15 години беше застрелана од пакистанските талибанци. Нејзината награда го призна нејзиниот статус како моќен активист и глас, меѓутоа дури и на некои од симпатизерите не им беше пријатна нејзината победа.
Ваквите 'изјава' награди се чести во изминатите години: Ал Гор и Меѓународниот панел за климатски промени; Мухамед Ел Барадеј и Меѓународната агенција за атомски награди во 2005, по две години од војната во Ирак. Некои години комитетот имаше неинспиративни решенија, како наградата за Европската Унија во 2012 или Обединетите Нации во 2001. Дали денес некој воопшто ги памти овие решенија?
Факт е дека од 1998, кога Џон Хјум и Дејвид Тримбл ја добија наградата за мировниот процес во Северна Ирска, комитетот не истакнал лидери кои работеле на решавање на долги и насилни конфликти. А токму во овие години, комитетот е најблиску до остварување на пораката на Алфред Нобел: наградата да се додели на 'личноста која најголемиот дел од својот најдобар труд ќе го посвети на братството меѓу нациите, аболицијата или намалувањето постојните армии и за одржување и промовирање на траењето на мирот,'" пишува Дејвид Грем за Атлантик.