На десетина дена пред изборите во САД, Верџ објавуваат список на работи кои влијаеле на гласањето на граѓаните. До сега е утврдено дека самата локација каде се гласа може да влијае на исходот, па додека гласањето во црквите најчесто е во корист на конзервативни кандидати и против геј бракот, гласањето во училишта ја зголемува веројатноста да гласаш за финансирање на образованието.
Исто така важна е и позицијата на кандидатот на ливчето, бидејќи оној кој е прв има тенденција да добива повеќе гласови. Се проценува дека "ефектот на поредокот на гласачкото ливче" во изминатите 2 децении влијаел на 12% од партиските избори во Калифорнија. Објаснување за овој ефект е дека луѓето потсвесно го избираат првиот одговор што ќе се појави.
Според друго истражување гласачите е поверојатно да гласаат против кандидатот што веќе е на функција, доколку во тој период се појават неочекувани проблеми. Таков е примерот со американските претседателски избори 2000-та, кои се случија во период на поплави и суши низ САД. Истражувачите анализирајќи ги временските услови и резултатите од гласањето на изборите заклучија дека гневот околу времето ги натерал луѓето да се свртат против тогашниот потпретседател Ал Гор, најверојатно потсвесно верувајќи дека тој е виновен за нивните проблеми.
Во 1916 во Њу Џерси се случува историски висок број на напади од ајкули. Истата година Вудроу Вилсон ја води кампањата за реизбор во Белата куќа. И покрај тоа што тој никако не е одговорен за нападите од ајкулите, во областите на Њу Џерси каде се случуваат најголем дел од нападите, тој има далеку помал број на гласови отколку во остатокот на сојузната држава.
Сосема друга студија покажува и дека локалните колеџ натпревари во американски фудбал можат да имаат влијание на изборите, па ако во рок од 10 дена пред изборите локалниот тим има забележано победа тоа му помага на актуелниот функционер да собере повеќе гласови.
Истражување на гласањето во САД, Холандија и Шпанија покажало дека врнежливото време ја намалува излезноста на гласачите за 1%.