На почетокот на февруари 28-годишната ќерка на Питерсон, Микаела, објави кратко драматично видео во кое тврдеше дека таа и татко ѝ биле во Русија во потрага по нестандардна терапија за неговата физичка зависност од лекот клоназепам.
Според неа, тој речиси умрел на неколку пати во текот на третманот, а после неколку недели на интензивна нега не можел ниту да зборува, ниту да пишува.
Целата сага главно е покриена од конзервативни медиуми, кои се потпираат на приказната на Микаела, нутриционистички „инфлуенсер“ без медицинско образование, која тврди дека си го излечила јувенилниот артритис и клиничката депресија јадејќи само месо и пиејќи само вода. Питерсон ја промовираше глупата диета на ќерка му темелена на будалаштини и бабини деветини, а има изјавено (во јули 2018) дека и самиот не јаде ништо друго освен говедско и салата. Не е јасно дали тој продолжил да ја следи оваа екстремна диета и дали таа придонела за влошување на неговото здравје.
Клоназепамот на Питерсон му го препишал семеен доктор во 2017 заради вознемиреност, а потоа ја зголемил дозата откако неговата сопруга била дијагностицирана со рак на бубрези во април 2019. Тој наводно не сфатил дека станал зависен од лекот додека не ги почувствувал ужасните симптоми кога се обидел да прекине со него. Во англиската медицинска терминологија сепак се прави разлика помеѓу физичка зависност (physical dependence) и генерална зависност (addiction) која се дефинира како „компулсивна употреба на некоја супстанца и покрај штетните последици“. Во случајот со Питерсон ќерка му тврди дека станува збор за првото. Без оглед на ваквата нијанса, многумина ја забележуваат иронијата - дека клиничкиот психолог кој промовира стоицизам, моќ на волјата и преземање одговорност за сопствениот живот, самиот не успеал во сето тоа.
Проблемот со седативи од групата бензодиазепини (во кои спаѓа и кај нас почесто користениот дијазепам) е во тоа што тие можат да бидат многу корисни доколку станува збор за краток период, но нивниот ефект се намалува доколку се користат секојдневно во тек на подолг период. За само четири недели можат да развијат зависност, а наглото откажување може да предизвика тешка вознемиреност па дури и животозагрозувачки грчеви. Вообичаената лекарска процедура е да ја намалуваат дозата за 25% секои две недели, што би требало да овозможи успешно одвикнување во 80-90% од случаите. Но доколу некој се обиде сам да го стори ова, со дозирања на своја рака, како што тоа најверојатно го направил Питерсон, тогаш следниот пат откажувањето ќе биде уште потешко (тн. kindling effect - ефект на прегорување). Капак на сето ова, Питерсон имал и парадоксална реакција на седативот, кој, наместо да го смирува го правел екстремно вознемирен, состојба наречена акатисија, кога пациентот постојано мрда, се преместува, се лула, накратко - не го држи место. Ваквата реакција на бензодиазепини е многу ретка и се случува кај 1-2% од пациентите.
Доколку сето ова е точно, тогаш Питерсон едноставно бил во стапица - не можел да зема лекови, а не можел ни да не ги зема. Третманот кој го добил во Русија, а кој е во најмала рака нестандарден, се состои од „итна детоксикација“ која во случајов подразбирала ставање на пациентот во индуцирана кома. Освен ако комата не била заштитна мерка за Питерсон да не се повреди самиот себеси или да не добие инфаркт или мозочен удар од преголема вознемиреност.
Микаела ја обвинува западната медицина за состојбата на татка си. Херојскиот наратив, толку често присутен во предавањата на Питерсон, и тука како да игра улога. Но откажувањето од тешки лекарства кои создаваат зависност можеби е таков проблем кој не подразбира (само) херојство, туку и научно потврдени практики.