Во 50-тите години на минатиот век, поседувањето осредна интелигенција не ги уништувала шансите за нормален живот. IQ-то не било пресудно за тоа со кого ќе се венчаш, дали ќе најдеш работа, ќе успееш ли да имаш пријатели. За примање на работа не бил мерен квоциент; биле оценувани вештини, способност, трудољубовост и сл.
Актуелнава деценија е пекол за оние што не се баш најбистри. "Глуп си" е најнормална реакција во секое несогласување и тоа сосема легитимнa, за разлика од тоа да му спомнеш вера, нација или пол.
Популарните "Дарвинови награди" ги слават оние кои без памет знаат и да настрадаат, на Редит редовно има теми со креативни навреди за глупите а и ние во Офф не сме најнежни кон таквиот сој.
Во САД живеат 80 милиони луѓе со квоциент на интелигенција помал од 90. Кога тоа ќе се стави во контекст на образовниот дострел и работното место, контрастот станува видлив: од 1979 до 2012, просечната разлика во примањата меѓу семејство со двајца факултетлии и семејство со двајца среднисти се зголемила за цели 30.000 долари.
А не се само парите; студии покажуваат дека во споредба со поинтелигентните, оние со помала интелигенција почесто стануваат дебели, почесто добиваат срцеви заболувања, почесто завршуваат во затвор... и умираат помлади.
Згоа на сè, работните места кои обично ги зафаќаат сè почесто се укинуваат заради модернизацијата па тие функции ги обавуваат роботи, апликации, онлајн сервиси идруги облици на автоматизација.
Интелигенцијата денес е толкав фетиш што, според едно истражување од Ајова, при изборот на партнер се котира повисоко од финансискиот успех, изгледот, социјалните и домашните вештини па дури и од здравјето.
Наместо да ги олабават помалку паметните, оние што се успешни и влијателни постојано бараат начини како првиве комплетно да ги елиминираат, пишува Дејвид Фридман во Атлантик и вели дека тоа не е секогаш најпаметно, потсетувајќи на мислењето на еден професор од Харвард дека најпаметните знаат да бидат најлоши вработени, затоа што не се научени да се справат со неуспех или критика. Фридман потсетува и дека самиот термин меритократија (владеење на способните) е скован во 1958 година од британскиот социолог Мајкл Јанг, и тоа првенствено како дистописка сатира. А денес тој систем е речиси целосно инсталиран.
Во некои држави.