Кога ќе дојде дома Мајкл седнува со чаша вино пред ТВ, пушта Фокс Њуз и таму чека да го чуе единствениот кандидат на кој му верува: Доналд Трамп.
Иако Мајкл не постои како човек, неговиот фото-робот комплетно се базира на истражувањата и анкетите на гласачите кои најавиле дека својот глас ќе го дадат за Трамп.
Истражување од ноември покажа дека белците во САД се далеку погневни околу целата ситуација во земјата отколку црнците. Белците исто така било поверојатно да кажат дека се во полоша финансиска состојба отколку што тоа го замислувале како помлади.
Истите овие белци било поверојатно да изјават дека барем два пати на ден слушаат нешто на вести што ги прави гневни. По полови мажите било поверојатно да кажат дека се незадоволни од третманот на белиот маж.
"Трамп ги разбира овие бели мажи - или барем во најлош случај, тој разбира дека овие бели мажи бараат политичар кој ќе ги разбере.
Ова е повеќе од само политички опортунизам - на Трамп му е јасно. Секако, историјата на американски политичари е историја на многу, многу бели мажи, ама има нешто уникатно околу мажественоста и белоста на Трамп. Тој е изразито не засрамен од која било од овие карактеристики, и не ни помислува да признае дека тие биле корисни за неговиот успех," пишува Мона Чалаби во Гардијан.
Токму изјавите од кои им се темни на либералите, се клучниот доказ за хипотетичкиот Мајкл дека Трамп е подготвен да се соочи со фактите и проблемите, без разлика колку тие е политички некоректно да се кажат. Мајкл речиси 30 години подоцна се согласува со изјавата на Трамп од 1989-та, дека "на добро образуван црнец му е полесно да се вработи, отколку на добро образуван белец." Мајкл не е сам со своите ставови, во 2012-та 45% од белите Американците изјавиле дека црнците имаат полоши работи, приходи и домување затоа што "црнците немаат доволно мотивација или желба за да се извлечат од сиромаштијата."
"Фактот што најголемиот дел од медиумите не ги повторува овие уверувања - односно 'факти' за тие што веруваат во нив - само го продлабочува чувството дека не може да им се верува на меинстрим медиумите," објаснува Чалаби.
Пју центарот прави анкета во 2014-та која покажува дека додека либералите консумираат поголем број на медиуми како извор за информирање, цели 88% од конзервативците изјавиле дека Фокс Њуз (од листа од 36 медиуми) е клучен извор на информации. Од социјални медиуми, Мајкл најверојатно би му верувал на Фејсбук.
"И не е само она што го кажува Трамп, туку неговиот стил на пишување (на социјалните медиуми) потсетува на стилот од онлајн форумите и сајтови кои работат со теории на заговор. Трамп користи кратки реченици. Без запирки. А понекогаш пишува само со ГОЛЕМИ БУКВИ.
Со сето ова предвид, политичкиот подем на Трамп не треба воопшто да е изненадувачки. Анкетите покажуваат дека тој е многу попопуларен меѓу Американците кои се бели, отколку меѓу оние кои не се, и е многу попопуларен меѓу Американците со пенис, отколку кај оние без.
Овие мажи претставуваат значителен гласачки блок во земја која се уште е 62% бела. Кога овие мажи сакаат да чујат нешто од некој што е подготвен да држи до нивните ставови, тогаш Трамп е единствен кој е повеќе од подготвен да им излезе во пресрет. А кога проверката на што е 'правилно' се сведува на неапологетско отфрлање факти, Трамп не може да згреши," пишува Чалаби.