Доналд Трамп изусти импозантен број лажги со опашки (политички коректно: невистинити тврдења) во врска со здравствената криза.
„Блиску сме до вакцина,“ ќе каже на 25 февруари. Три дена подоцна, непосредно пред експлозијата на заразени, на Американците ќе им каже дека вирусот наскоро ќе исчезне, „како чудо“. На почетокот на март, многу пред обичен човек да може да биде тестиран, кажа дека секој кој сака може да се тестира. На 24 март процени дека затворање на земјата би биле неефикасно бидејќи самоубиствата би биле побројни отколку жртвите на новата болест.
Се разбира, сето ова непријателски расположените медиуми поштено му го истрија од нос заклучувајќи дека се работи за лажење од навика, за патологија.
„“Но, што ако Трамп не лаже? Американците треба да разгледаат едно алтернативно објаснување на многуте претседателски невистини: тој едноставно не ги сфаќа темелните аспекти на кризата која го погоди јавното здравје“, пишува Конор Фридерсдорф во Атлантик.
Според него, тоа Трампово „немање абер“ најдобро се отсликува со неговите тотално погрешни лицитирања околу проценките на заразени и жртви. На 10 април ќе каже дека жртвениот биланс ќе биде помал од 55.000, број кој беше надминат истиот месец. На 27 април ја помести проценката „меѓу 60.000 и 70.000.“ Само два дена подоцна имаше 63.000 мртви. А истиот тој ден, на 63.000 мртви, ќе рече дека билансот ќе биде „65, или 70 или 60 или која и да е бројка“. Така беше и со следните негови плафони.
Зошто Трамп упорно продолжува да дава нереалистични проценки? Да лаже, тоа лажење би требало за нешто да послужи, да има некаква цел, а овде не е таков случај бидејќи очигледно е дека самата реалност го побива. Фридерсон инсистира на тоа дека американскиот претседател просто не е способен да мисли, анализира и планира ни неколку недели напред, среде криза која ќе трае со месеци или години.
„Тој е толку импулсивен што умее да биде фокусиран само во рамки на еден твит или тв појавување, без никаква способност за стратешко мислење на подолг рок,“ вели тој.