Џек Ма најави заминување од извршниот престол на Алибаба. Ќе остане во бордот на директори но секојдневието ќе го посвети на филантропија и на образованието.
Ма ја создаде Алибаба во 1999 година и во меѓувреме ја направи една од најголемите светски интернет компании, со вредност од 400 милијарди долари. Главен бизнис ѝ е е-трговијата, но се занимава и со филмска продукција, компјутерски клауди и друго.
Самиот Ма е проценет на 40 милијарди долари и е третиот најбогат Кинез. Оставката ја смета за почеток на нова ера бидејќи сака да тргне по стапките на Бил Гејтс, да создаде своја хуманитарна фондација и да му се врати на образованието, односно даскалството.
„Никогаш нема да можам да бидам богат како Гејтс ама можам да направам нешто подобро од него: да се пензионирам порано. Наскоро, ќе ме видите како предавам некаде. Мислам дека со тоа можам да направам многу повеќе отколку како ЦЕО на Алибаба“, рече Ма кој пред да ја создаде компанијата, предавал англиски на универзитет во Хангжу.