Науката долго време сугерираше дека децата кои живеат во градовите растат побрзо и поздраво од децата од руралните средини, но тој тренд се има превртено во последните три децении, вели студија објавена во Нејчр.
Таа покажува дека просечната висина на урбаните деца и адолесценти на возраст од 5 до 19 години сега е малку помала од онаа на нивните врсници во руралните области во повеќето земји - особено во богатите земји како што се САД, Велика Британија и Франција.
Градовите долго време се поврзува со подобро здравје, нешто што истражувачите го нарекуваат „урбана предност“. Жителите на раздвижените, развиени центри имаат подобар пристап до квалитетна здравствена заштита, образование, безбедност и исхрана, а пречките до овие ресурси можат силно да влијаат на клучниот ран раст на децата.
„Оваа рана фаза од животот навистина го поставува темелот за здравјето во зрелоста и подоцнежниот живот“, вели Онор Биксби од Сасекс кој на студијата работел заедно со над 1.500 истражувачи.
Врз висината и здравјето, освен храната, влијаат и активноститѕе како и „здравјето“ на околината во која се живее.
Студијата анализирала податоци на 71 милион учесници од 2.325 студии за населението спроведени помеѓу 1990 и 2020 година во 200 земји и територии. Во 1990 година, децата кои живееле во градовите биле повисоки од оние во руралните области. Меѓутоа, до 2020 година, додека висините генерално се зголемуваат кај децата и во урбаните и во руралните средини, децата во градовите растат помалку во споредба со другите.
Дури последната деценија се случи за првпат во историјата мнозинството луѓе на оваа планета да живеат во урбани средини. Во 2018-та беа 55%.
Сепак, трендот не важи за сите. Во субсахарска Африка, Јужна Азија, Пацификот и Блискиот Исток, момчињата кои живеат во руралните места во овие региони не пораснале, а во некои земји во овие области, просечната висина на момчињата станала пониска без оглед на тоа каде живеат.