Белградската тура се вклопува во т.нр. про-пур туризам, што се претставува како туризам во корист на сиромашните, во кој богатите западни туристи прават обиколки на некои од најсиромашните делови од градовите на земји со екстремни примери на сиромаштија. Притоа не е важно земјата да биде на раб на распад, важно е да има оази на екстремна сиромаштија, како фавели во Бразил, сламови во Индија, гетоа во Кенија или Њујорк.
"Тоа е парадоксално. Имате подрачје во кое на луѓето им е страв да дојдат ако не се во организирана тура што ја предводи бела личност. Им се дава лажно чувство на сигурност, иако во реалноста тие би биле безбедни и да дојдат во два часот наутро," објаснува њујоршкиот уметник Крис Кар, зборувајќи за растечкиот тренд на гето туризам во Њујорк.
Корените на ваквиот туризам потекнуваат од времето кога британската империја го достигнува својот врв, а лондонската елита плаќа пари за прошетки и излети во сиромашните делови на градот за да видат како живеат сиромашните.
Денешните тури се малку разубавени и дополнети за потребите и интересите на туристите. Така "запознај Циган" понудата од Белград нудеше обиколка на ромските населби во градот, гледање како тие собираат и рециклираат железо и бакар, и "опционален разговор со Циган".
Во Мумбај турата е низ Дарави едно од најголемите гета во светот со меѓу 700 илјади и 1 милион жители, и во неа туристите ги гледаат жителите како пребаруваат на локалните депонии, а се нуди и престој во тамошни хостели за уште поавтентично доживување. (Иако за разлика од жителите, туристите во хостелот имаат струја и вода).
Објаснување за проблематичната страна на ваквиот туризам дава Кени Одеде во текст за Њујорк тајмс од 2010, пишувајќи за турите во неговото родно Најроби:
"Гето туризмот ја претвора сиромаштијата во забава, нешто што може да се доживее во моментот и потоа да избега од таму. Луѓето мислат дека стварно 'виделе' нешто, а потоа се враќаат на своите животи и ме оставаат мене, моето семејство и мојата заедница таму каде што бевме и пред тоа. Имав 16 години кога прв пат видов туристичка тура низ нашето гето. Бев пред својата куќа од 9 квадрати и миев садови, гледајќи ги со копнеж, затоа што два дена немав јадено. Одеднаш се појави бела жена и ме фотографираше. Се чувствував како тигар во кафез. Пред да стигнам да кажам што било, таа си замина."