Договорот од Париз ги обединува земјите во заедничката цел да се справат со климатските промени што се конкретизира со серија мерки кои треба да ја спуштат температурата на оваа планета под +2 степени целзиусови во однос на пред-индустриската ера.
Никарагва лани не го потпиша и одолговлекуваше не затоа што е против таквата стратегија туку напротив, затоа што сметаше дека е недоволно амбициозен.
Од друга страна, првиот човек на Америка, во јуни годинава најави дека САД комплетно ќе се оградат од овој договор, што поради процедурални причини, не можат да го направат до 2020-та година. Тој ваквиот потег го оправда со својата должност првенствено да ја штити својата земја. А според него, обврските од договорот ќе ги чинат САД 6,5 милиони работни места и 3 трилиони загуби во БДП.
Никарагванскиот претседател Даниел Ортега деновиве го потпиша договорот откако една година безуспешно се обидуваше да ѝ даде до знаење на јавноста дека тој е недоволен и дека на тоа поле може многу повеќе да се стори, особено најбогатите земји. Историски, САД, Европа и Кина се одговорни за половина од вкупната емисија на јаглерод диоксид во атмосферата.
Инаку, Светската банка пред 4 години ја прогласи Никарагва за рај на обновливата енергија. Земјата нема нафта и упорно бутка зелени енергетски политики: преку 50% од својата енергија ја добива од геотермални извори, ветар, сончева и енергија добиена од бранови.
А Сирија се нема потпишано зашто глава не можат да дигнат од војна.