Откако НАТО членката Турција одлучи да го купи системот и покрај заканите со санкции од страна на САД, на преговори во Москва се појавија и ривалите од Персискиот залив, Катар и Саудиска Арабија. Ле монд објави дека Саудијците во писмо до Макрон предупредиле на „воена акција“ против Катар доколку земјата купи С-400.
На списокот на потенцијални купувачи се најдоа и Белорусија, Иран и Виетнам.
Според пресметките на Москва дифенс рипорт, Русија би требала да инкасира околу 30 милијарди долари од продажба на С-400 во следните 12 до 15 години.
Рускиот систем има неколку предности пред единствениот друг систем на пазарот кој е во негова класа, американскиот МИМ-104 Патриот. Иако и двата земја-воздух системи се направени за соборување на авиони и балистички проектили, С-400 има домет од 250 километри, наспроти 160 километри на Патриот, а со претстојниот апдејт се очекува рускиот систем да покрива до 400 километри. Друга предност е што С-400 е подготвен за акција во рок од 5 минути, додека на Патриот му треба околу еден час за да се постави, и самото користење на С-400 е поевтино отколку она на Патриот.
Русите веќе работат на С-500 кој треба да влезе во производство во 2022. Овој систем е во ист ранг со американскиот Таад одбранбен систем, кој може да собори хиперсонични крстосувачки ракети.
На страна подобрување на салдото за милијарди долари, најголема придобивка за Русите е можноста да ја искористат својата воена индустрија за создавање раздор меѓу САД и неговите сојузници.
Во 2014 Кина за 1,9 милијарди долари купи 32 лансирни рампи за С-400, од кои секоја доаѓа со по 4 проектили. Половина од оваа нарачка беше испорачана минатата година. Индија која повремено има проблеми со Кина, моментално е во последната фаза од преговорите за купување на С-400 во вредност од 6 милијарди долари. Договорот на Турција со Русија изнесува 2,5 милијарди долари.
Ситуацијата со Турција е прилично комплицирана бидејќи таа во исто време како дел од НАТО учествува во 400 милијарди долари вредната програма за производство и продажба на воени авиони Ф-35. Според американски закони (донесени во 2017), САД не смеат да продаваат оружје на која било држава што направила значителна трансакција со одбранбениот сектор на Русија. Турција како еден од клучните членови на програмата за Ф-35 има нарачано 100 вакви авиони. Еден од стравовите е дека ако Турција остане во програмата, добар дел од технологијата на Ф-35 ќе заврши кај Русите, заради што се бара и исклучување на Турците. На 13-ти јуни годинава Ердоган изјави дека Русија и Турција разговараат за заедничко производство на С-500.