Русија треба да се распадне

За да се избегне дополнително крвопролевање, Кремљ мора да остане без сите парчиња од старата империја кои се уште ги поседува.

„Дури и Путин целосно да ја изгуби Украина, Русија останува нестабилна мешавина на региони и нации со драматично различна историја, култури и јазици.

Кремљ ќе продолжи со владеење врз колонијалните поседи и места како Чеченија, Татарстан, Сибир и Арктикот.

Руската историја е речиси целосно составена од непрекинато ширење и колонизација, а Русија е последната европска империја која ги одбива дури и најосновните обиди за деколонизација, како давање на своите поданици автономија и значителна улога во избирање на лидерот на земјата,“ пишува Кејси Мајкл во текстот за Атлантик.

Мајкл жали што Џорџ Буш постариот во 1991 не ја искористил шансата за време на распадот на СССР целосно да ја распарчи Руската империја, но затоа има пофални зборови за Дик Чејни кој како министер за одбрана на Буш постариот, сакал „да го гледа распадот не само на СССР и на руската империја, туку и на самата Русија, за таа никогаш повеќе да не биде закана за остатокот од светот.“

И покрај тоа што позицијата на Буш постариот последниве децении беше фалена како историска, наспроти оставината што Чејни ја има, критиката од Мајкл е дека таа била „кратковида“, бидејќи не го искористил крајот на Советскиот сојуз не само да стави крај на комунизмот туку и да го порази и колонијализмот.

„Повеќе го немаме тој луксуз. Западот мора да го заврши проектот што почна во 1991. Мора да целосно да ја деколонизира Русија,“ повикува Мајкл преку колумната во Атлантик.

Гневот на авторот е што Западот упорно останува заслепен од „заблудата за солената вода“ според која колонии се само далечни места преку океанот, а не места на пример како Чеченија „која е колонизирана од диктатурата во Москва“, и на која САД и немаат воопшто помогнато во борбата за независност и покрај барањата на тамошните власти во 1990-те.

Тој наведува повеќе нации кои побарале или пробале да побараат независност по распадот на СССР но останале само автономни републики, како Карелија, Коми, Саха, Башкоростан, Чувашија, Калмикија, Удмуртија и други. Или регионот Татарстан каде две-третини од народот гласаше за суверенитет на референдумот во 1992.

Тука кривицата на САД е што се одлучил на стабилност (главно од страв советското нуклеарно и биолошко оружје во овие региони да не заврши во погрешни раце) наместо да ги поддржи сите овие барања за независност.

Исто така Мајкл потсетува дека идентично деколонизирање треба да и се направи и на Кина, а и САД се кабает за освојувањето на индијанските земјишта.

„Се додека империјата на Москва не се собори, регионот и светот, нема да бидат безбедни. Ниту Русија. Европа ќе остане нестабилна, а Украинци и Руси ќе продолжат да умираат и сите колонизирани луѓе присилени да се борат за Кремљ ќе продолжат да умираат,“ пишува Мајкл.

1 јуни 2022 - 10:24