Иако секоја од овие информации е лага, тие полека од социјалните медиуми почнаа да се преливаат во традиционалните вести, па кога министерот за одбрана на Шведска патуваше низ земјата за да го промовира зачленувањето во НАТО, најголем дел од времето го потроши на негирање и објаснување на дезинформациите. Како што објаснува неговата портпаролка, "луѓето не се навикнати на вакви информации, и тие се исплашија, прашувајќи на што треба да се верува, и на што може да се верува."
Швеѓаните никогаш не успеваат да го најдат изворот на овие дезинформации, меѓутоа мноштвото аналитичари и експерти посочуваат дека тие се дел од надворешната стратегија на Путин, кој, според Њујорк тајмс, во 2008 врши инвазија на Грузија само за да го спречи нејзиното зачленување во НАТО.
Според Тајмс, иако Путин успешно покажа мускули во Крим и во Сирија, тој ја нема економската, ниту воената моќ за отворено да му се спротивстави на НАТО, ЕУ или САД. Ама за тоа има програма на "вооружени информации," користејќи се со најразлични средства за сеење сомнеж и поделби, чија цел е да се "ослабе кохезивноста меѓу земјите членки, да се предизвика немир во нивната внатрешна политика и да се намали спротивставеноста кон Русија."
"Москва гледа на надворешните работи како на систем на специјални операции, и многу искрено верува дека и таа самата е предмет на Западни специјални операции. Сигурен сум дека има многу центри, некои од нив поврзани со државата, кои се вклучени во измислување на вакви лажни стории," објаснува Глеб Павловскиј, човекот кој помага во воспоставување на информациската машина на Кремљ пред 2008.
Ваквата руска пракса е доволно силна и распространета што и НАТО и ЕУ имаат формирано посебни канцеларии кои работат на идентификување и побивање на дезинформациите, посебно на оние што доаѓаат од Русија.
Како пример за успешна руска кампања Тајмс го наведува маскирањето на испраќањето руски сили за освојување на Крим. Според весникот, истото лето тие се крајно успешни и во прикривање на уништувањето на авионот на малезиската авиокомпанија над Украина, за која беше објавен збунувачки опсег на теории, со цел "да се прикрие простата вистина дека лошо обучените бунтовници ненамерно го собориле авионот со проектил испорачан од Русија."
Шведскиот новинар Андерс Линдберг, ја објаснува еволуцијата на една дезинформација:
- се појавува некаде во Русија, на руски државни медиуми, или на некои други сајтови или нешто од тој тип
- лажниот документ станува извор на вести, кои се пренесуваат на крајно левичарски и крајно десничарски веб-страни.
- други медиуми ги користат овие сајтови како линк за извор на веста и почнуваат да ја преобјавуваат. Никој не знае од каде доаѓаат, меѓутоа стануваат клучен проблем во носењето безбедносни одлуки.
Летово, зборувајќи на 75-годишнината од формирањето на Советското информативно биро, Дмитри Кисељев, познатиот руски водител и директор на организацијата што раководи со Спутник, на западните новинари им порача дека завршила ерата на неутрално новинарство, дополнувајќи "ако ние правиме пропаганда, тогаш и вие правите пропаганда."