Психологијата на паничното купување

Стравот од ковид -19 не доведе само кај нас до празнење рафтови и купување огромни количини „стратешки“ производи. Освен дека глупоста е рамномерно распоредена на земјината површина, универзалноста на таа паника говори за тоа дека примарните биолошки механизми не фермаат ни големина на БДП ни развиеност на „check and balances“ ни други ставки кои ни се битни во нормални времиња.

Празни рафтови и панично купување се случија по целиот свет, во Франција, Малезија, Нов Зеланд, Сингапур, Австралија (овие испаднаа рекордери откако по грешка купиле 12-годишни резерви на тоалет хартија)....

Кога лавината ќе тргне, тешко се сопира поради основните механизми на психологијата на стадото. Кога ќе купиш кило брашно а гледаш како тројца околу тебе купуваат по 20 кила, почнува  да те јаде грижа на совест дали правиш доволно за фамилијата. Или пак помислуваш дека тие нешто знаат што ти не знаеш, како што тоа деновиве му се случи на еден наш дечко кој реално имал потреба да купи поголема количина маски за лице за поголема група странци а аптекарката, со фаца која очекува големо откритие, тивко го прашала: „Господине, да не има нешто?“

Така се покренуваат и пазарните механизми, ланец на поскапувања и црни брзи поради што најчесто се случува некои производи да ги нема за оние на кои најмногу им требаат. Амазон последниве денови повлече над еден милион продукти за основни потреби поради нивните заведувачки ветувања и манипулацијата со цените, а еден голем британски фармацевтски ланец реши дека ќе продава најмногу две шишиња течност за раце по човек.

Вакви примери имало многу во минатото. За време на Студената војна, во шпицовите на напнатоста меѓу двата блока се билдаа залихи за преживување атомска катастрофа. Кога се менуваше милениумот, освен производи, луѓе трупаа и пари бидејќи се очекуваше Y2K да ги сруши финансиските системи па американскиот трезор доби наредба да отпечати екстра 50 милијарди долари за да не настане стампедо по пари. 

Постои граница меѓу рационалните набавки во пресрет на некоја криза и паничното купување, но таа граница секогаш е тенка. Зад второто, објаснуваат психолози, стои анксиозноста и потребата со драстични мерки да се одговори на драстичните ситуации, тоест да се направи нешто што ти дава чувство дека ја контролираш ситуацијата.

„Паничното купување е психолошки механизам за да се справиме со стравот, анксиозноста и несигурноста, начин на кој ќе се убедиме дека со нашите акции ги земаме работите во свои раце“, вели Бен Опенхајм од еден истражувачки центар за заразни болести во Сан Франмциско.

Додаваат и дека во игра е и принципот наречен аверзија на загуби, по кој на човек е понесреќен кога ќе изгуби 10 долари од што е среќен кога ќе добие 10 долари. Така што, доцното откривање дека немаш тоалет хартија а си можел да ја купиш прави да се чувствуваш мизерно. 

Но ако најавите за поплави или урагани ја оправдуваат потребата човек да се праша што има при рака и во какви количини, за справување со коронавирусот најтрезвени се неколку базични правила:

- да се мијат раце.
- да не се пипа лице.
- да се кашла во лакт.

9 март 2020 - 13:54