Неброени теории се обидуваат да ги рационализираат настаните кои доведоа до тој момент, небаре објаснувањето нешто ќе промени. Трамп според нив е резултат неолиберализмот, мизогинијата, елитизмот на демократите, гневот кон медиумите, потиснатиот расизам....
Најново: до порното е.
Според Дин Барнет, автор на нова книга од областа на невронауката, „Идиотскиот мозок“, Трамп е последица на многу и континуирано гледање порно на интернет. Порното не го отсликува баш реалистично вообичаеното човечко однесување - не секој доставувач на пица заглавува во маратонски секс (ако ништо друго, има човекот и други пици за разнесување), а и мускулести чистачи на базени нешто не сме буткаат по нашиве дворови. Сепак сексот ни го заматува размислувањето, па она што би било сомнително на ниво на нарација во некој друг жанр тука лесно може да пројде сè додека не го нарушува она главното. Така, долготрајната изложеност на интернет порно може да ни го извитопери сфаќањето како функционираат нештата во вистинскиот свет. Тоа е и прелесно достапно, и нуди брзо и едноставно задоволување на силни нагони.
Оттаму - со квантен скок заклучува Барнет - и Трамповите сомнителни тврдења за тоа дека ќе ги избрка СИТЕ нелегални имигранти или дека ќе прекине трговски договори не изгледаат претерано и неостварливо за голем број гласачи кои се секираат за овие работи (а притоа гледаат и многу порно). Затоа и гласале за него, и затоа и сè уште го поддржуваат.
Освен тоа, порното нè прави и поранливи во однос на „лажни вести“. Глупи сценарија, апсурдни заплети, сите тие се вообичаени за интернет порното, но се поврзани со многу реални задоволувања на сексуални возбуди. Ако доволно долго се изложиш на нешто, колку и да е тоа откачено, мозокот ти се „обесчувствува“, дразбата станува навика, и веќе не ја ни регистрираш. Така, исценираните „настани“ кои се направени така за да привлечат внимание веќе не изгледаат толку вештачки и исценирани. Ако порното навистина учествува во ова затапување на нашата способност да забележиме и да отфрлиме апсурдности, тогаш тоа му е од голема помош на Трамп и неговите методи.
А сега, дали сето погоре кажано е всушност глупост?
Да - ова е многу поедноставена мешавина на базична невронаука со упросечнета порнографија. Плус, интернет порното не беше помалку популарно во текот на годините под Обама, а е достапно и на места како Канада и Германија, каде не владеат деспоти. Порното не те прави суров сексист повеќе отколку што играњето некоја насилна видео игрица те прави социопатски сериски убиец. Текстот на Барнет е всушност намерно напишан таков каков што е, за да покаже колку е лесно да се произведе теорија која звучи исправно со „обратен инженеринг“ - прво формирање заклучок а потоа бирање такви податоци кои го потврдуваат. И не мора да се тоа порното и Трамп, може да е тврдење дека феминизмот го предизвикал хаосот на Оскарите. Дека Нетфликс е виновен за Брегзит, или дека што и да е предизвикало нешто друго.
Сложените настани понекогаш не можат да се објаснат на јасен и директен начин. А луѓето го очекуваат тоа. Очекуваат дека постои еден специфичен, одделен фактор кој го објаснува однесувањето на сите. Човечкиот мозок не сака неодреденост, особено не во врска со нешта кои го погодуваат поединецот. Така е и со теоријата за улогата на порното во изборот на Трамп - тоа е само еден елемент во морето други. Самата по себе таа не е лажна, туку повеќе селектирана вест, која се фокусира на елементи кои ги поддржуваат веќе постоечките идеи и гледишта. Така, на „идиотскиот“ мозок може да му продадете секакви корелации, па дури и причинско-последични односи, кои тоа воопшто не се.