ПРВО ПОЛУВРЕМЕ
Еден топол викенд во октомври 2020 година, тројца неприкосновено кредибилни епидемиолози од Стенфорд, Оксфорд и Харвард, Џајанта Батачарја, Сунетра Гупти и Мартин Кулдорф, на Беркшир собираат уште неколкумина новинари, автори и економисти, критичари на локдаунот и другите државни рестрикции во пандемијата.
Излегуваат со заедничко коминике кое станува познато како „Декларацијата од Грејт Берингтон“.
Декларацијата почнува да циркулира на социјалните мрежи и брзо да собира и други потписи, вклучително и од други угледни научници. Меѓутоа, повеќето мејнстрим медиуми почнуваат да ја осудуваат декларацијата, особено откако фамозниот доктор Ентони Фаучи и Френсис Колинс од Националниот институт за здравје ја отфрлија како „опасна“, оцрнувајќи ги научниците - сите во врвот на нивните области - како „маргинални епидемиолози“.
Следните неколку месеци, тројцата научници се соочија со обвиненија дека се - „антиваксери“. Беа осомничени и дека зад декларацијата стои некаков финансиски интерес. Нападите здушно ги помогнаа формати како Гардијан и Њујорк Тајмс.
ВТОРО ПОЛУВРЕМЕ
Меилови добиени согласно законот за достап на информации откриваат дека написите против тројцата не се плод на стандардно журналистичко истражување, за какво се прикажува новинарството на Гардијан или Тајмс.
Напротив. Тие бил плод на агресивен обид да се моделираат вестите од страна на истите владини функционери чии политики епидемиолозите ги критикуваа. Меил преписките меѓу Фаучи и Колинс откриваат дека двајцата координирано притискале различни медиуми (како Wired и The Nation) за декларацијата да биде симната.
Батачарја, Гупти и Кулдорф набрзо дознаваат дека декларацијата била жестоко цензурирана на социјалните медиуми, да не ја зарази публиката. Кулдорф е најактивен од нив на мрежите и лично ја чувствува цензурата. Тој на Твитер ќе напише:
„Да се мисли дека СИТЕ треба да се вакциниират е исто толку ненаучно колку и да се мисли дека НИКОЈ не треба да се вакцинира. Ковид вакцините се битни за постари, за луѓе со висок ризик и за оние кои се грижат за нив. На оние кои претходно природно се заразиле не им треба. Ниту на децата.“
Твитер го цензура овој твит. И други твитови за критики на маските и задолжителноста на вакцините му се етикетираат како заведувачки или биваат отфикарени од платформата. Во март 2021, Јутјуб кине видео со тројцата.
ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ
Во предметот „Мисури против Бајден“, Батачарја и Кулдорф сега ја тужат државата дека преку свои агенции и функционери принудувале социјални платформи да ги цензурираат нив и други кои ги критикувале ковид политиките.
Неколку судови го одбија нивниот предмет тврдејќи дека не може да се утврди директна поврзаност меѓу цензурирањето од страна на приватните платформи и владините постапки. Така оцениле иако бројни претставници на администрацијата отворено се имаат заканувано со регулаторни и правни казни ако не елиминираат некои „непријатни“содржини.
За среќа, судот и обвинителството во Мисури носат поинаква проценка па предметот е жив. А во предметот има и докази дека најмалку 11 федерални агенции и околу 80 владини фунционери експлицитно барале компаните да симнуваат постови и да кинат акаунти, не само на тема ковид, туку и за изборите во 2020 година и лаптопот на Хантер Бајден.
Страхувајќи дека може сериозно да се замерат со државата, компаниите кои ги водат платформите стануваат особено кооперативни со властите откако самиот Бајден рече дека овие платформи „убиваат луѓе“, дозволувајќи дезинформации за ковид и вакцините.
ЕКСТРАС:
Алекс Беренсон, поранешен новинар на Њујорк Тајмс, критички настроен кон владините ковид рестрикции, обелодени внатрешни Твитер комуникации кои откриваат дека високи претставници на администрацијата и влијателни членови на Белата куќа го притискале Твитер да го суспендира од платформата. „Имавме едно незгодно прашање од советник во Белата куќа зошто Алекс Беренсон сè уште не е исфрлен од платформата,“ забележува еден вработен во Твитер по состанок со властите.
Два месеца подоцна, кога Фаучи ја девалвира Декларацијата како опасна а Бајден порачува дека платформите „убиваат луѓе“, Алекс Беренсон е исфрлен од Твитер.
* Во јули годинава Беренсон повторно е вратен на Твитер како дел од неговиот судски договор, но тоа не ја менува приказната.
ОДЈАВНА ШПИЦА:
Вмешаноста на властите во цензурирањето одредени перспективи има и секонд-хенд последици: Стравот од реперкусии заради артикулирање одредени ставови води кон авто-цензура и избегнување на контроверзни теми.
Првиот амандман на уставот не значи само заштита на правото слободно да се зборува туку и слобода да се добиваат информации, затоа што, како што еднаш има утврдено Врховниот суд, „правото да се добиваат информации директно произлегува од уставно заштитеното право тие да се праќаат“.
Не џабе основачите на Америка не предвиделе никаков исклучок околу слободата на говор, кој би се однесувал, на пример, на „дезинформации“. Ним им било јасно дека откако еднаш цензура ќе се дозволи, невозможно е да се повлече линија и да отстрани пристрасноста и волјата на оние кои цензурираат.
Тие знаеле дека сонцето/виделината е најдобрата дезинфекција. Дека најдобар лек за лошите гледишта се добрите гледишта, дека лек за лагата е вистината. Замолчувањето луѓе не значи дека проблематичните идеи ќе ги снема. Тоа само ги носи нивните пропагатори во нивни ехо комори каде тие идеи ќе бабрат додека не експлодираат на општо изненадување „од каде па сега тие дошле“.
„Ако Американците дознаа за Декларацијата од Грејт Барингтон и им беше дадена можност да размислуват за тие идеи, ако на научници како на Батачарја, Гупта и Кулдорф им беше дозволено слободно да зборуваат, можеби пандемијата ќе беше помалку трагична и со помала штета по институциите кои би требало да го штитат јавното здравје“, пишува Џенин Јунес во Таблет.