По повеќе месеци составување, минатата недела израелскиот премиер се согласи на потпишување на договорот за прекин на огнот, кој доколку целосно се испочитува ќе доведе до ослободување на сите израелски заложници што Хамас ги киднапираше на 7 октомври.
Иако луѓето на Бајден со месеци работеа на договорот, најголемата заслуга за неговото постигнување му се припишува на Трамп и неговиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Вклучувањето на Трамп ги вади преговорите од повеќемесечниот застој, а Виткоф при својата посета на Ерусалим јасно му порачува на Нетанјаху дека договор мора да биде потпишан без никакви игри, оправданија и одложување.
„Меѓутоа истиот овој Нетанјаху кој на крај го потпиша договорот, на своите домашни политички сојузници им кажуваше дека нема намера да го испочитува и имплементира,“ пишува Хaарец.
Откако една партија ја напушти коалицијата, а друга се закани дека ќе ја напушти, Нетанјаху на двете им вети дека прекинот на огнот е само привремен, и дека наскоро ќе даде наредба за обновување на војната „а со тоа и ќе ги жртвува животите на околу половина од живите заложници што моментално се во Газа.“
Хaарец ја пренесува изјавата на Амит Сегал, еден од израелските аналитичарите кој е најблизок со Нетанјаху, кој викендов изјави дека очекува само 10 од 94 заложници да бидат ослободени од Хамас пред Нетанјаху да го исполни ветувањето дадено на своите коалициони партнери.
Нетанјаху ова може да го изведе на два начина. Првиот е со едноставно одложување и блокирање на преговорите од втората фаза кои треба да започнат за 15 дена, и да троши време дур не им истече времето (нешто што неколку пати му го направи на Бајден). Втората е да испровоцира ново насилство на Западниот брег, каде израелски доселеници викендов опожарија повеќе возила и домови во неколку палестински села, додека милиони Израелци го славеа враќањето на тројца заложници.
Тврдењето на Нетанјаху го повторува и про-владиниот Канал 14, кој изминатата недела на своите гледачи им повторува дека примирјето е само привремено и дека втората фаза од преговорите нема да се случи, а Нетанјаху ќе го испочитува она што им го ветил на партнерите.
Слично отворени се и коалициските партнери на Нетанјаху кои порачуваат дека инстантно ќе ја напуштат владата доколку воопшто се започне со втората фаза од договорот за заложниците, од која дел е и обврската на Хамас да ослободи десетици машки заложници.
Освен уништувањето на мировниот договор, ваквото однесување на Нетанјаху директно ја загрозува главната агенда на Трамп на Блискиот исток, доаѓање до историскиот договор за нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел, која ќе ги засили врските на Израел со сунитските држави, а во исто време ќе го изолира Иран. Ваков договор нема шанси да се потпише се додека Палестинци гинат во Газа, а доселеници таму градат нови населби.