„На Британците никогаш не им било подобро,“ ќе пресече британскиот премиер Харолд Мекмилан во јули 1957 година. Ваквиот пост-воен оптимизам зазвучува чудно дури кога ќе се додаде еден историски детал - во тоа време, Британија е под удар на пандемијата на азискиот грип. Тој тргнува од Кина во првите месеци од 57-ма за во јуни Хонг Конг да пријави 250.000 заболени, летото ја зафаќа Европа и Азија и додека не бива ставен под контрола следната година, убива 1,1 милион луѓе.
Со други зборови, британскиот премиер тврди дека на неговите луѓе никогаш не им било подобро среде пандемија во која животот го губат 30.000 Англичани. Денес би бил „обесен“ заради неодговорност.
Но, таква била атмосферата. Пандемијата била третирана како здравствен а не како политички, културолошки и социолошки проблем. Важеле слични препораки за останување дома, некои школи биле затворени но животот продолжувал нормално. Битката со вирусот ја воделе локални и регионални здравствени авторитети а не централните власти а пристапот бил прагматичен на ниво кое денес би се оценило како недопустливо флегматично.
Имало пар хистерични таблоиди кои врескале на таа тема но главните медиуми биле преокупирани со други вести; лансирањето на Спутник, пожарот во нуклеарниот реактор Виндскејл (со опасност на ниво 5 од максимални 7; not great, not terrible) и слично.
Дури и фамозната шпанска грозница од 1918 година, „најсмртоносниот настан во историјата на човештвото“ како што ќе ја класифицира СЗО, останува маргинална појава стотина години. Наспроти смртоносниот биланс од 20 милиони (кој во 90-тите ќе биде ревидиран на 50-100 милиони), шпанската грозница беше тема од областа на јавното здравје и предмет на епидемиолошки студии но без политички и културолошки димензии (на пример, не се учеше во школо). Во официјалната британска „Историја на Големата војна базирана на документи“ (1931), за шпанската грозница се вели главно ова: „Освен да се наведат бројки на заболени и умрени во британската армија дома и во странство, за оваа болест има малку да се каже.“
Немало чувство за крајот на светот. Немало наклапање за „новото нормално“. Немало обиди за реорганизирање на ама баш целиот социјален живот во светло на опасноста во која живееме. А актуелната пандемија не се третира како гаден вирус кој претставува голема но справлива опасност за одредени сегменти на популацијата туку како Божја порака да се спастриме.
Како да ќе нема никогаш назад, како да ќе треба вечно да живееме со маски, без гушкање и со таслачење во доги не заради ќеиф туку затоа што таа поза е најбезбедна.
„Реакцијата на една здравствена опасност е производ на политичкиот и културолошки момент во кој таа се раѓа. А нашиот момент е несигурноста. Роден после долгорочно морално исцрпување на либералниот капитализам, замореноста на идеологиите и рушењето на социјалната солидарност, тој момент се карактеризира со длабоко чувство на немоќ и разочараност од начинот на кој живееме,“ пишува Тим Блек.