Оф мори мајко: Многу дрвја не било на арно

Еве ни уште еден шокантен пресврт и тоа во нешто што го мислевме за интуитивно разбирливо и сосема неконтроверзно поправање на штетата која човекот ја прави на планетата: да садиме што повеќе дрвја. Тоа може да донесе повеќе зијан отколку ќар, предупредуваат новите сознанија.

Наместо подобрување на околината, масовното садење дрвја може да доведе до сосема спротивен ефект, упатуваат резултатите од две нови студии.

Според првата, финансиското мотивирање за садење дрвја може непријатно да изненади со намалување на биодиверзитетот а да резултира со сосема мало влијание врз штетните емисии. Во втората студија, независна од првата, се заклучува дека досегашните проекции колку шумите можат да апсорбираат јаглерод диоксид се преценети.

А таман садењето дрва стана толку меинстрим, што дури и Доналд Трамп застана зад една од оние иницијативи за милион, милијарда, катаљарда засадени дрвца.

Што се случува? Меѓу другото, откриено е дека кога државите даваат субвенции за садење дрвја, тоа често завршува така што големите земјопоседници ја заменуваат старата, природна шума, со нови, субвенционирани и попрофитабилни дрвца така што во завршната сметка на планетата не се добива ништо плус, а се намалува разноликоста на флората и фауната.

Втората студија испитувала колку новозасадените дрвја можат да апсорбираат јаглерод од атмосферата. Досега, повеќето студии тоа го калкулирале со фиксни односи. Овојпат биле испитани 11.000 примероци од почва во северна Кина каде државата спроведува масовни засадувања, заради климатските промени но и заради заштита од правта од пустината Гоби. Утврдиле дека на онаа почва која е сиромашна со јаглерод, засадувањето дрвја навистина ја зголемува густината на органскиот јаглерод но на онаа почва каде што него веќе го има, новите дрвја даваат контра ефекти.

„Пошумувањето не е еднозначна акција. Таа треба да опфати многу технички детали, да води сметка за балансот во различни места и секако не може да ги реши сите проблеми со климата,“ вели автор на едната студија.

 

24 јуни 2020 - 21:10