Лани во март од високото уредништво на Вашингтон пост се жалеше „по едноставните времиња кога сите ја сметаа Русија за непријател, вклучително претседателот“.
Два месеца подоцна, директорот на американското национално разузнавање, Џејмс Клапер (кој под заклетва лажеше за шпионирањето американски граѓани), тврдеше дека Русите се уникатно и „генетски“’ предодредени за манипулативни политички активности. Да го кажеше тоа Клапер за муслимани, арапи, Иранци, Евреи, Кинези или која било друга група луѓе на светов, без сомневање тоа ќе покренеше лавина реакции. За Русите тоа пројде мазно.
„Како може некој да не биде русофоб?“, ќе крикне неодамна пензионираниот шеф на ЦИА, Џон Сајфер кој набројувајќи ги сите зла на Русите, просто не може да се сети на една добра работа што тие некогаш направиле.
„Русија го има едно од најобразуваните населенија на светот, универзално здравство за сите, свој дом поседуваат 84% од луѓето, имаат јака контрола на оружјето, не постои смртна казна, 140 дена породилно отсуство со целосна плата а Москва само што беше прогласена за четврти по ред најбезбеден град во светот“, им пишува Наталија Болдвин на овие што не можат да се сетат ни на една добра руска работа.
Таа ја потсетува американската јавност и на бесценетите руски придонеси кон светската културна ризница како и на нивните понови учества во меѓународните кризи: помошта за САД по ураганите Катрина и Сенди, медицинската помош на 60-тина илјади жртви на ебола во западна Африка, спасувањето Американци од Јемен и кога Стејт департментот дигна раце од нив, помошта за жртвите од земјотресот во Мексико и слично.
„Повеќето луѓе знаат дека ни луѓето ни групите не се само добри или само лоши и дека главно се работи за комплексни комбинации на двата елемента. Но многумина - вклучувајќи ги и оние кои обично се сметаат за слободоумни либерали - во надежта дека ќе го соборат Трамп дозволија да наседнат на систематската демонизација на Русија,“ пишува Болдвин.
Трагајќи по корените на таа, денес во САД прифатлива омраза кон Русија и на нејзиното третирање како главен виновник за американските состојби, таа се навраќа на една книга која се занимава со губитничката претседателска кампања на Хилари Клинтон. Инсајдери од таа кампања се согласуваат дека постоеле две главни причини за поразот: тоа што Хилари не успеа да изведе уверлива причина зошто таа треба да биде претседател (освен дека САКА да биде тоа) и нејзината неспособност да се конектира со просечниот Американец во некои сојузни држави. Но, неполни 24 часа после шокантната вест за поразот, во нејзиниот штаб се решило да се игра на руската карта, односно да се обвини Русија за мешање во изборите во полза на Трамп.
За тој наратив, продолжува Болдвин, помогна и одолговлекувањето на истрагата на Роберт Милер, истрага која постојано ја менуваше својата цел. Откако нема да се најдат докази за едно обвинение, се преоѓа на друго, кога резултатите за тоа ќе испаднат тенки, се преминува на трето....
„На последните избори Демократите се соочија со разбудениот демон кои сами го создадоа, не успевајќи да испорачаат политики какви што просечниот Американец очекуваше од нив. Не издејствуваа 15 долари минимална сатница, не излегоа од војните за да можат парите да ги насочат кој работни места и инфраструктура. Тие нема да ги испорачаат тие работи од истите причини поради кои и Републиканците нема да ги испорачаат: нивните донатори не го сакаат тоа“, пишува Болдвин.
И сè додека луѓето го очекуваат тоа, а политичките елити немаат намера да признаат дека тоа нема да им го остварат, Русија ќе биде добредојдена како дежурен виновник кој успешно го одвраќа вниманието од вистинските проблеми.