Екипа од британски и украински научници водат судска битка со украинската влада да им бидат вратени запленетите 1.500 литри вотка направени од „радиоактивни“ јаболка одгледани во близина на некогашната чернобилска нуклеарна централа.
Атомка е пијачка која е резултат на 4 годишен експеримент на научниците за да се види дали може да се дојде до безбеден производ направен од суровини одгледани во областа која беше контаминирана во катастрофалниот инцидент во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година.
Јаболката биле одгледани непосредно надвор од 30 километарскиот радиус околу некогашната централа кој важи за забранета зона. Во тој појас околу зоната сè уште живеат и околу 10.000 луѓе, но земјоделството и овоштарството се забранети.
Првото шише Атомка било наполнето во 2019 година а запленетата пратка од 1.500 литри била наменета за Велика Британија при што било замислено приходот од продажбата да му се врати на локалното население во Чернобил.
Со бомбастична акција на специјалци, во март пратката била запленета но не поради радиоактивност. Како причина биле наведени некакви непрецизности на етикетите.
Иако во забранетата зона и натаму постојат неколку точки со висока и опасна радијација, поголемиот дел од неа и околината се смета за безбедна и прочистена површина па научниците сметаат дека забраната за садење е непотребна кочница за локалното население.
********
Види и:
Излезе првиот потрошувачки производ од забранетата зона во Чернобил