Нашиве и онака се ботови

Бразил троши 13% од целиот свој бруто домашен производ на плати и пензии за државни службеници. Огромен апарат од прилично неефикасни и неретко корумпирани лица кои живеат на државен трошок. Притоа, како и овде, глумат незаменливи, демек извршуваат сериозни државни, градски и управни задачи и операции. Како и овде, не се ни свесни дека во врат им диши ЧетГПТ.

Градски советник во јужниот бразилски град Порто Алегре ја избутка првата легислатива во земјата целосно напишана од ЧетГПТ.

Самата уредба била намерно здодевна и лесна за усвојување - предлог да се спречи локалното водоводно претпријатие да им наплаќа на жителите за нови водомери кога ќе им бидат украдени од дворовите.

Порто Алегре живее, поточно се гуши во неефикасност и корумпираност на локалните сервиси додека 36-те градски советници уживаат во улогата да се прават зафатени со важни градски работи.

Во нормална процедура, на 37 годишниот советник Рамиро Росарио и неговиот тим од шест лица ќе им требале денови да го подготват нацрт-законот, со широки дискусии за легалноста на одредбите, десетици паузи за кафе и муабети за фудбал и неколку службени ручеци а некој од нив ќе морал да ја провери и уставноста на предлогот, што не е мала работа со оглед на тоа што уставот на Бразил има 64.488 зборови (пообемни устави се само оние на Индија и Нигерија). Во меѓувреме, ќе требаше да се обратат и до водоводното претпријатие и да побараат мислење и податоци (Росарио неколкупати се има обраќано по други поводи, никогаш не добил одговор).

Наместо тоа, седнал на ЧетГПТ, со една реченица му објаснил што сака и ботот бргу му извадил совршено изработен закон со осум члена, вклучително и клаузула на која Росарио никогаш не помислил: Ако водоводната управа не го замени украденото броило во рок од 30 дена, сопственикот ќе биде ослободен од плаќање на сметката.

„Не знам од каде ги ископа тие 30 дена. Навистина ми даде повеќе отколку што очекував!“ одушевено раскажува Росарио.

Првпат се фасцинирал од ЧетГПТ кога побарал рецепт, набројувајќи со кои намирници располага во кујна и фрижидер (манго, лимета, јаболка, вино....). Добил одличен рецепт а кога дополнително го прашал ботот што да прави со остатокот од виното, овој најдругарски му предложил да го допие.

24 декември 2023 - 12:33