Најк авион

Спортистите кои ќе минат низ повеќе од 3 временски зони додека патуваат на натпревар на гости имаат 60% шанси да бидат поразени. Сопствениците на клубови без разлика колку пари инвестираа, не можеа да го решат проблемот со далечните гостувања. Сега Најк ќе им помогне, и тоа за многу пари.

Во соработка со компанијата Тиг (која изработува ентериери за авиони уште од времето кога прв пат се појавуваат авиони) Најк направи концепт на кабина која треба да биде комфорна до тој степен што патувањето воопшто нема да влијае на перформансите на спортистот.

Концептот е предвиден за просечен комерцијален авион со простор за 100 до 400 седишта, кој ќе биде преадаптиран за потребите на кошаркарска екипа од 13 луѓе.

Па така, редовите седишта се заменети со зони за конкретни активности: зона за седење / спиење, социјализација, закрепнување и исхрана.

Седиштата се персонализирани со име на играчот и се доволно големи за на нив да може да се испружи регуларен НБА центар. Затоа што подот на авионот не може да се спушти, решението е во отстранување на кутиите над седиштата. Под зоната за седење, во она што на регуларните авиони е товарен дел, е сместена зоната за социјализирање и прослави на победи.

Целиот авион е преполн со технологија (надвор од регуларната авионска) која ги собира и анализира податоците кои ги добива од сензорите што ги носат играчите. Овие податоци потоа им се достапни на тренерите за анализа на кондицијата на спортистите и каков вид закрепнување им треба.

15 септември 2014 - 11:48