Како што за време на претседателската кампања во САД Папата беше гранично индиректен во своите критики кон Трамп, така Франциско продолжи и за време на посетата на американскиот претседател на Ватикан, па во пакетот поклони му спакува медал на мирот и есеј од 38.000 зборови на тема климатски промени и животна средина.
Есејот е истото папско писмо (енциклика) што тој го напиша во 2015. Освен ова во пакетот литература Папата вклучил и потпишана верзија од својот говор по повод Светскиот ден на мирот. За возврат Трамп на Папата му поклонува колекција книги од Мартин Лутер Кинг јуниор.
Иако подарувањето папски писма не е никаква новост ниту кон американските, ниту кон кој било друг претседател, во конкретниов случај симболиката доаѓа од претходниот однос меѓу Папата Франциско и тогаш само претседателскиот кандидат Доналд Трамп.
Запрашан околу Трамп за време на кампањата во 2016, Франциско на новинарите им изјавува: "човек кој мисли само околу градење ѕидови, каде и да се тие, а не на градење мостови, не е христијанин. Тоа не е во евангелието".
Одговорот на Трамп беше критикување на Папата дека "ниту еден лидер, посебно не религиски лидер, не би требало да ја доведува во прашање религијата или верата на друг човек. Ако и кога Ватикан ќе биде нападнат од ИСИС, што сите знаат е најпосакуваниот успех на ИСИС, можам да ви ветам дека Папата само ќе посакува и ќе се моли Доналд Трамп тогаш да е претседател."
Нетрпеливоста меѓу двајцата продолжува и по изборот на Трамп. Во февруари Папата ги повика сите христијани "да не градат ѕидови туку мостови, да не одговараат на зло со зло, и злото да го надминат со добро".
Во едно од подиректните закачувања на Трамп, неговиот ѕид и кој ќе го плати, Папата порачува дека: "христијанин никогаш не вели: 'ќе те натерам да платиш за тоа.' Никогаш! Тоа не е христијански однос. Навреда се надминува со простување, со живеење во мир со сите."